Германски бизнисмени во Стопанската комора: Во време на несигурност, стопанската соработка е исклучително важна

Делегација на германската Бизнис асоцијација предводена од членот на Управниот одбор на Асоцијацијата Кристоф Бек, денеска, беше во посета на Стопанската комора на Северна Македонија каде остварија средба со претседателот на Комората Бранко Азески и тим од македонски бизнисмени. Како што беше посочено од страна на Азески и Бек по средбата, во ова време на несигурност зајакнувањето на стопанската соработка меѓу земјите е исклучително важна, бидејќи тоа е начинот за развој на стопанството.
Азески ја истакна досегашната добра соработка помеѓу Стопанската комора и Бизнис асоцијацијата и нагласи дека на денешната средба била воспоставена рамка за нова соработка, која, како што рече, ќе се води институционално во соработка со Владата.
– Имавме голема чест да имаме делегација од германската Бизнис асоцијација со кои имаме долгогодишна соработка, тоа беа 25 бизнисмени од најзначајните фирми од Германија, меѓу кои и оние кои имаат инвестирано во земјава. Ние можеме да констатираме само неколку работи дека во изминатиот период Стопанската комора и германската Бизнис асоцијација имаат добра соработка и ни помогнале во критични моменти во сите значајни проекти и тоа ќе го прават во наредниот период. Воспоставивме рамка за нова соработка која што институционално ќе ја водиме со Владата, а тоа ќе влијае и во транзицијата на компаниите, рече Азески.
Во Европа, вели, постои одредена неизвесност која би се надминала со заеднички производи и заедничка трговија. а тоа, според Азески, би овозможило полесен премин во време на економски кризи кои што владејат на континентот.
– Извесна неизвесност владее во Европа и треба да се надмине со заеднички производи, заедничка трговија што ќе овозможи полесен прелаз во оние тешки моменти кои што соодвествуваат со војната во Украина, но и со големите економски кризи кои што владејат на континентот, рече Азески.
Кристоф Бек ја истакна важноста од зајакнување на стопанската соработка и посочи дека на средбата со Азески било разговарано на теми од различни области, меѓу кои енергетиката, дигитализацијата, како и соработката со земјите од регионот.
— Ми беше чест денеска да бидеме гости во Стопанската комора во Северна Македонија, заедно со една голема делегација на германски стопанственици од различни сектори. За сите нас е важно да разговараме на теми од областа на енергетиката, дигитализацијата и соработката во регионот. Во ова време на несигурност, многу е важно да се зајакне стопанската соработка, да се зајакне стопанската соработка и со други земји, бидејќи само така сте на добар пат кон развој на стопанството. Се радуваме што ќе соработуваме и во иднина, рече Бек.