Германија ја поддржа кандидатурата на Дијало


Берлин – Германската фудбалска федерација (ДФБ) во целост ја поддржува кандидатурата на Филип Дијало за претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), изјави денеска првиот човек на германскиот фудбал Бернд Нојендорф.

Извршниот одбор на Француската фудбалска федерација во вторникот едногласно ја поддржа кандидатурата на својот претседател, кој ќе го предизвика Џани Инфантино на изборите закажани за 18 март во Рабат.

„Одржуваме редовни, блиски, доверливи и пријателски контакти. Тој има богато искуство во меѓународниот фудбал и ужива висок углед во рамките на европското фудбалско семејство. Неговото разбирање за улогата и вредностите се значително различни од оние на актуелниот претседател. Сакаме поинаков фудбал, подобар фудбал, сакаме ФИФА која им служи на интересите на сите асоцијации членки. Затоа го поддржуваме Филипе Дијало со голема убеденост“, рече Нојендорф.

Ден претходно, Дијало доби едногласна поддршка од Извршниот комитет на УЕФА. Зад неговата кандидатура застана и Фудбалската асоцијација на Холандија, а се очекува и многу други европски фудбалски тела да го сторат истото.

Почесниот претседател на Јапонската фудбалска асоцијација, Козо Ташима, и поранешниот швајцарски репрезентативец Рамон Вега, исто така, планираат да се кандидираат за претседател на ФИФА.

Инфантино е претседател на ФИФА од 2016 година и има поддршка од неколку континентални конфедерации, вклучувајќи ги азиската, африканската и јужноамериканската.