Германија и поплавите: Пукна браната на реката Рур
Поради обилните дождови пукна една брана на реката Рур во Опхевен во округот Хајнсберг. Според информациите на јавниот сервис ВДР спасувачите евакуирале 700 жители. Изворот на реката Рур е во најтешко погодениот регион во Ајфел, а таа потоа се влева во реката Маас во Холандија.
Според извештајот на ВДР причините за пукањето на браната е што на местото каде Рур се влева во Маас на холандската страна се затворени каналите па поради тоа расте водостојот.
Пукањето на браната се заканува со нови поплави, а опасност му се заканува и на југот на Германија.
Четворица пожарникари досега ги загубија животите во спасувачките операции во покраината Северна Рајна-Вестфалија која е тешко погодена од поплавите.
Премиерот на Северна Рајна-Вестфалија и кандидат на ЦДУ за канцелар, Армин Лашет, остро е крикуван на Твитер и од другите политичари затоа што наводно се шегува со други луѓе во заднината на прес-конференцијата во тешко погодениот град Ерфштат додека претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер зборува со новинарите и повикува на кохезија на општеството. Не беше објавено зошто Лашет се смеел ниту пак дали разбрал за што зборува Штајнмаер. Тоа наиде и на масовна критика од СПД. „Ова е прашање на карактер“, коментираше на Твитер заменик-претседателот на партијата Кевин Кунерт.
Лашет потоа на Твитер се извини, велејќи дека неговото однесување било „несоодветно“.
Според последните податоци 98 луѓе загинаа во покраината Рајнланд-Пфалц, а 45 во Северна Рајна-Вестфалија.