Герхард Шредер конечно го напушти „Роснефт“


 

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер ќе го напушти надзорниот одбор на руската нафтена компанија „Роснефт“, објави во петокот.

Шредер, кој ја извршуваше функцијата претседател на надзорниот одбор на „Роснефт“, рече дека е невозможно да го продолжи мандатот, се вели во соопштението на компанијата, цитирано од германските медиуми.

Соопштението доаѓа еден ден откако германските владејачки партии одлучија да му го одземат канцеларискиот простор кој го плаќаат даночните обврзници во Берлин поради неговото одбивање да ги прекине врските со рускиот претседател Владимир Путин и покрај војната во Украина.

Европскиот парламент во четвртокот, исто така, усвои резолуција со која се бара од ЕУ да ги санкционира Европејците како Шредер, кои сè уште се во одборите на истакнати руски фирми.

Запрашан за резолуцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека не мисли дека е „неопходна во моментот“. Но, тој додаде дека „би било најдобро Герхард Шредер да поднесе оставка од своите позиции“.

Како да се одговори на одбивањето на Шредер да се откаже од главните работни места во руските енергетски компании е прашање на жестока дебата во Германија од почетокот на војната.

Поранешниот канцелар, кој беше номиниран за одборот на директори на руската енергетска компанија „Гаспром“ во февруари, досега одбиваше да отстапи. „Јас не правам mea culpa“, изјави тој за „Њујорк тајмс“ во интервју минатиот месец.