ГЕРБ води на изборите во Бугарија, одзивот низок но не и катастрофален
Формирањето влада oстанува доста комплицирано и за тоа веројатно ќе бидат потребни 4 формации
На седмите предвремени избори во Бугарија убедливо води ГЕРБ, а очекувањата дека ќе има катастрофален одзив, не се потврдија. Првичните резултати покажаа исто така дека разликата помеѓу коалицијата ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ се зголемува со секои следни избори, а обединувањето на старите лидери не доведе до успех за БСП. Бугарскиот гласач, според БГНЕС, ги казнил и овојпат екстремистичките и радикални водачи.
Првите податоци од излезните анкети покажуваат дека ГЕРБ-СДС е убедлив победник на овие седми предвремени парламентарни избори од 2021 година. Тие имаат водство од речиси 12% во однос на второпласираната коалиција ПП-ДП.
Така, според Алфа рисрч, ГЕРБ-СДС има 26,4%; од гласовите, ПП-ДБ – 14,9%; „Преродба“ – 12,9%; ДПС-Нов почеток – 8,9%; АПС на Доган – 8,7%; БСП Обединета левица – 7,8%, а „Има таков народ“ – 6,5%;
Според податоците од Галуп ГЕРБ-СДС имаат 25,1%; ПП-ДБ – 15,4%; „Преродба“ – 13,8%; БСП – 8,1%, ДПС-НП – 7,7%, АПС – 7,3%, ИТН – 6,8%, а Величие – 4,1%.
Формирањето влада oстанува доста комплицирано и за тоа веројатно ќе бидат потребни 4 формации, прогнозира социологот и политиколог Парван Симеонов, додека според политикологот Светлин Тачев што ќе се случи оттука натаму зависи од Бојко Борисов.
„Мислам дека ќе ги чека конечните резултати. Можен е санитарен кордон околу „Вазраждане“ (Преродба), ДПС-Нов почеток и Сојуз за права и слободи“, оцени тој. Според него евроатлантската основа пропаднала со пропаѓањето на Собранието.
„Пред тоа пропадна и моделот Борисов, па сега ќе се бара нов темел, ново лемење“, посочи Тачев. Од Има таков народ порачаа дека во никој случај нема да влезат во коалиција со ДПС-НП на Дељан Пеевски.
Педесет и првиот парламент може да испадне дека има рекорден број партии – 9, но и да има 7 или 8, можностите за какво било толерантно владеење се граничат со нула., оценува „Медиапул“. Две партии – „Величество“ и МЕХ се на работа да влезат во Собранието. Според некои агенции, двете формации се малку над бариерата од 4 проценти, а според други малку под. Учеството на осми или деветти играч пропорционално ќе го намали резултатот на претходните, а најмногу ќе настрадаат најголемите. Но, и да влезат само 7 партии во Националното собрание, за владино мнозинство ќе бидат потребни најмалку три. Инаку, одѕивот на гласачите на овие избори беше поголем од претходното гласање на 9 јуни годинава.
Коментирајќи ги овие бројки, лидерот на коалицијата ПП-ДБ Кирил Петков рече дека „иднината на Бугарија зависи од активните граѓани“. Според првите резултати од излезните анкети на социолошките агенции, ПП-ДБ е втората политичка сила во идното 51. Народно собрание.
„Им благодариме на сите бугарски граѓани кои денеска ја дадоа довербата на коалицијата „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“. Им благодариме на сите што слободно го искористија своето демократско право да гласаат за иднината на земјата. И покрај заморот и очекувањата за помал одѕив на гласачите , нашите сонародници докажаа дека се одговорни и загрижени за Бугарија Секој слободен глас е глас против тежината на купениот и контролиран глас“, велат од ПП-ДБ.
Асен Василев додаде дека антикорупциските закони и понатаму се голем приоритет за нив.Поранешниот премиер Николај Денков на медиумско прашање одговори дека прво ГЕРБ-СДС треба да одговори на прашањето што ќе прават оттука па натаму. „Тие ја сносат одговорноста како прва партија“, рече Николај Денков. Атанас Атанасов истакна дека одѕивот на гласачите е зголемен, што е добро за демократијата.
„Имаме план за кој знаете и ќе работиме на него“, рече тој.
Политичарите кои излегоа да го остварат своето право на глас на денешниот изборен ден беа на став дека треба да има редовна влада и дека на народот му е доста од толку често гласање на предвремени избори.
Вкупно 71 приведен за изборни прекршоци
За изборни прекршоци од почетокот на специјализираната полициска акција на денот на изборите уапсени се 71 лице. Ова на брифинг го изјави в.д министерот за внатрешни работи Атанас Илков. Досега се пристигнати 849 пријави за изборни прекршоци, а на претходните избори имало 509 пријави. Воведени се 124 предистражни постапки, наспроти 99 на претходните избори.
Заклучно со 19:00 часот, излезноста на гласачите беше над 33%. Право на глас имаа 6.601.262 лица. На изборите учествуваат 19 партии, 9 коалиции и 1 независен кандидат, кои се борат за 240 пратенички места во бугарскиот парламент.
Социјалистите пред нов политички дебакл
Факт е дека и во овој парламент нема да бидат застапени левичарите на кои им е потребна социјална заштита. БСП повеќе не е партијата што ќе ги штити нивните интереси. БСП е подредена на „Движење за права и слободи-Нов почеток“. БСП е понижена и подредена, изјави поранешниот социјалистички пратеник Георги Свиленски.
Тој ја опиша и хронологијата на падот на БСП.
„ На 9 јуни резултатот на БСП беше 9,6%, до утрото беше 7,6%. Ова беше оценето како тешка, катастрофална загуба за партијата. Мојата прогноза е дека до утре наутро резултатот ќе биде тоа дека БСП ќе стане шестата или седмата политичка сила, со веројатно некаде околу 6%. Да ги видиме официјалните податоци, но ова се случува веќе седум избори и ова го кажувам од искуство“, сподели тој.
Георги Свиленски истакна дека ситуацијата треба да ја анализира актуелното раководство на партијата.
„Сакам да се потсетам на неколку работи што се случија и на целите кои беа поставени пред новото големо обединување на левицата. Првата цел беше да се вратат оние 800.000 гласови кои, според нив, Корнелија Нинова ги изгубила во рок од три години. Ама ни 8.000 гласови немаат вратено. Може да испадне дека нема да вратат ни 8 гласа“, додаде тој.
„Следната цел што беше поставена – да се прошири левицата и седумте проценти од БСП со трите проценти од сите леви партии, да станат нешто поголемо. Гледаме дека тоа не се случи. Коалицијата што се појави во јуни беше составена од 3 партии и постигна резултат од 7,06%, сега имаме 23 партии и неколку други здруженија – и не може да го даде овој резултат. Односно, се случи она што го кажавме, дека ова левичарско здружение е создадено со пороци – тоа го разбраа бугарските граѓани“, истакна Свиленски.