Герасимовски бара вонреден состанок на ЗЕЛС за несобирањето на ѓубрето
Градоначалникот Горан Герасимовски, во лајв видео се обрати во јавноста тврдејќи дека 5 дена ЈП „Комунална хигиена” воопшто не се појавува на улиците во Центар за да го подигне сметот каде што има надлежност.
Герасимовски истакна дека утрово испратил допис до ЗЕЛС за итна седница кадешто ќе се побара решение за овој проблем.
– Ова ги надминува сите граници. Изминатите пет дена комуналното претпријатие воопшто не се појавува на улиците во Општина Центар и се соочуваме со огромни проблеми, а набрзо не дај боже и зарази. Нашите хигиеничари се во две смени, имаме дополнителна механизација којашто и во утринските и во вечерните часови е на терен и правиме сѐ да го расчистиме сметот и она што не го прави комуналното претпријатие веќе подолг период. Но, овие 5 дена како што кажав е навистина алармантно. Утрово пуштив допис до Управниот одбор на ЗЕЛС, се слушнав и со директорката на ЗЕЛС, побарав итна седница на ЗЕЛС кадешто ќе се побара решение на овој проблем – рече Герасимовски.
Само два дена требаше да поминат за градоначалничката на Скопје да ја испорача својата одмазда. Според објавата на „Рацин“ не дека беше поарно и претходно, но овој пат потписот на Данела Арсовска е ставен на ѓубрето низ целиот град на местата каде што треба да го собира градското јавно претпријатие.

Интересни се и мислењата на граѓаните. Сите поминуваат покрај овие грди хигиенски закани и имаат различни коментари и мислења. Некои е срамно да се повторат.
Едни велат „ни го носат ѓубрето од другите општини“. Кога ги прашавме како го изведуваат тоа во центарот на градот да истоварат толкави количини без никој да ги забележи, само слегнуваат со рамениците.
Други велат, „ова е масло на партиите што се против ВМРО-ДПМНЕ“ за да не може Орце Ѓорѓиевски да го исчисти сметот за 72 часа. Овие не ни ги прашавме како е тоа можно и каква е логиката на таквата заговорничка идеја.

Како и да е, доколку продолжи оваа состојба, Скопје наскоро ќе биде задушено од ѓубре само заради инаетот на Данела Арсовска која, да не заборавиме, беше донесена на чело на градската власт благодарение на ВМРО-ДПМНЕ.
Третото барање на Герасимовски е упатено до Владата, за да се размисли за прогласување на вонредна состојба, доколку проблемот продолжи и претставува закана по здравјето.
И покрај отсуството на ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје, тој потенцира дека екипите на Општина Центар работат во две смени.
Актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, изминатава година е особено гласен за несобирањето на сметот од страна на градот. Тој организираше неколку големи акции за чистење со цел подигнување на свеста за почиста средина. Кампањата „Центар не чека, Центар чисти“ траеше еден месец и се реализираше по хаосот што го остави градското комунално претпријатие.
Минатиот месец, беше изнајмена и дополнителна механизација за чистење на улиците.