Генералниот секретар на ОН повика на глобален одговор на катастрофалните поплави во Пакистан


Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска го повика светот да се обедини во поддршка на Пакистан каде пристигна во екот на катастрофалните поплави, јави ДПА.

Третина од Пакистан моментално е под вода по големите поплави предизвикани од двомесечните рекордни монсунски дождови, во кои досега загинаа 1.391 лице, а уништена е и инфраструктура и егзистенција на милиони луѓе.

Најмалку 33 милиони луѓе се погодени од невидените поплави, кои според повеќето набљудувачи се директна последица од климатските промени, а пакистанските власти велат дека претставуваат егзистенцијална закана за земјата.

Шефот на ОН се очекува да се сретне со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф пред да ја посети тешко погодената провинција Синд, каде што многу градови и населени места и денеска сè уште се поплавени.

ОН минатата недела упати итен глобален апел за собирање 161 милион долари за финансирање на итен одговор на катастрофата.

Пакистанското Министерство за финансии процени дека поплавите предизвикале штета во висина од најмалку 12 милијарди долари на економијата на земјата, која веќе се бори со високите фискални и тековни дефицити.