Генерацијата З е најтешка за работа, менаџерите не гледаат позитивно на родените од 1997 до 2012 година


Личностите родени во периодот од 1997 до 2012 година се сметаат за Генерација З (Gen Z), а сѐ повеќе истражувања покажуваат дека токму со нив е тешко да се соработува. Оценката е дека менаџерите навистина не ги сакаат во своите тимови, а има неколку причини.

Неодамнешното истражување покажа дека сопствениците и менаџерите на бизниси не гледаат благонаклоно кон работниците на Генерација З, пред сѐ затоа што им е тешко да работат.

Анкетата ја спроведе американската компанија „Ризјум билдер“ (ResumeBuilder) на примерок од 1.344 луѓе. Луѓето на лидерски позиции во различни американски држави беа анкетирани за нивното искуство со работа со оние родени во 1997 година или подоцна.

Изненадувачки, речиси половина (49 проценти) од испитаниците рекле дека е тешко да се работи со Генерацијата З „цело или поголемиот дел од времето“. Во меѓувреме, неверојатни 79 отсто од анкетираните ги нарекоа најтешката генерација на работното место.

Неверојатни 59 проценти од испитаниците додале дека морале да отпуштат вработен од Генерација З, а 20 проценти од работодавците ги отпуштиле во рок од само една недела од датумот на нивниот почеток.

Повеќето менаџери ги наведоа недостатокот на мотивација, трудољубивост и продуктивност на работниците од Генерацијата З како причини заради кои е тешко да работат. Некои рекоа дека работниците од оваа генерација премногу лесно се „навредуваат“ од забелешките, што на менаџерите им дава уште една причина да „им удрат чизма“.

– Во нашата организација, комуникацијата со Генерацијата З може да биде исцрпувачка бидејќи им недостига дисциплина и сакаат да ве предизвикуваат, рече еден од оние кои вработуваа луѓе од оваа генерација, цитиран од изданието.

-Мислат дека се подобри од тебе, попаметни од тебе, поспособни од тебе и тоа ќе ти го кажат во лице без никакво чувство за почит или одговорност, изјавила испитаничка.

Стејси Хелер, главен советник за кариера во „Резјум билдер“, рече дека бидејќи повеќето работници од Генерацијата З се вработуваа за време на пандемијата, им недостасуваат основите за да се прилагодат на конвенционалните професионални задачи.

– Како резултат на Ковид-19 и образованието на далечина, можно е на Генерацијата З да ѝ недостасува основа за да биде поуспешна од постарите генерации на почетни позиции. Знаеме дека со работа и образование од далечина, комуникациските вештини не се развиваат на квалитетен начин и луѓето имаат тенденција да работат посамостојно, со што е можно помал контакт, рече таа.

– Менаџерите за вработување треба да бидат свесни за ова кога интервјуираат некого од Генерација З за позиции во нивната организација. На оваа генерација можеби ќе ѝ треба повеќе обука кога станува збор за професионалните вештини, додаде таа.

Со оглед на тоа што повеќето работници од Генерацијата З  штотуку почнуваат, таквата негативна перцепција меѓу вработувањата можеби нема да биде добро за нивните кариери. Посебна студија на истата американска фирма покажа дека младите работници веќе се чувствуваат изгорени и исклучени од работа.