Гасификацијата на РЕК „Битола“ ќе почне од Блок 1
Според плановите, Блок 1 ќе се изгасне во 2026 година, бидејќи во меѓувреме треба да се изгради гасната електрана, независно од работењето на РЕК „Битола“
Анета Блажевска
БИТОЛА – Од Блок 1 на РЕК „Битола“ ќе стартува гасификацијата на битолскиот комбинат. Плановите се да се изгради гасна електрана со моќност од 250 мегавати. Блокот 1 не е случајно одбран, туку поради фактот што тој единствено не е модернизиран во изминатиот период од четири децении, за разлика од блоковите 2 и 3 кои се со модернизирани котли пред десеттина години. Целта е многу повисока – државата во која се доминантно застапени фосилни енергенси, да се пренасочи кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето, ветерот, водата и природниот гас.
Од РЕК „Битола“ велат дека согласно Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година, развојниот план на АД ЕСМ предвидува до 2026 година количеството на електрична енергија кое се произведува од Блок 1 да биде заменето од обновливи извори на енергија и/или гас. Во РЕК е предвидена изградба на фотонапонска централа, а предвидена е и изработка на физибилити студија за изградба на когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати. Оваа когенеративна електрана ќе се користи за производство и на електрична енергија и за топлификација на Битола.
„Одлуката токму Блок 1 да биде првата постројка на РЕК која ќе биде заменета со обновлив извор за производство на електрична енергија се темели на фактот што тој е најстариот капацитет во рамките на комбинатот, пуштен во функција пред речиси 40 години. Во услови кога јагленот како енергенс се намалува, а притисокот на европските директиви за заштита на животната средина се зголемува, се наметнува потребата за алокација на финансиските средства во изградба на капацитети за производство на струја од еколошки прифатливи извори“, потврдија од РЕК „Битола“ за „Независен“.
Гасната централа ќе биде сосема нов објект кој би требало да се гради во близина на Блок 3. Односно, нема да има прилагодување на инсталациите во РЕК „Битола“ и нивна пренамена за работа на гас, туку тоа ќе биде сосема нова постројка. Односно, Блок 1 ќе се изгасне 2026 година, бидејќи во меѓувреме треба да се изгради гасната електрана, независно од работењето на РЕК.
Инаку, во РЕК „Битола“ веќе отворено се зборува за плановите и новата енергетска стратегија кога производството на струја од јаглен треба да се замени со производството од обновливи извори на енергија.
Јасно е дека енергетската транзиција не може да се направи преку ноќ, имајќи предвид дека комбинатот е најголем производител на електрична енергија во нашата држава – произведува 75 отсто од енергијата.
Постапката за изградба на фотоволтаици во кругот на РЕК е веќе отпочната. Стручни лица од различни сектори во рамките на ЕСМ и РЕК ја дефинираат локацијата, по што ќе следат и останатите неопходни чекори за изградба на фотоволтаичниот парк. Изградбата на когенеративна гасна електрана, пак, сѐ уште е на самиот почеток и проекциите се движат во насока новата постројка да биде комплетно завршена со завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година, кога Блок 1 на РЕК Битола треба да биде исклучен од електроенергетскиот систем на земјата. Гасната електрана освен за производство на електрична енергија, ќе се користи и за производство на топлинска енергија, односно за спроведување и функционирање на топлификација на Битола, Новаци и Могила.
Првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски, вели дека производството на електрична енергија со помала емисија на гасови е долгорочната цел. Тој вели дека енергетската трансформација е веќе почната, со пример кој веќе е познат и во регионални, но и во европски рамки, а тоа е проектот за РЕК „Осломеј“ и неговата трансформација од капацитет кој произведува од јаглен во капацитет кој ќе произведува електрична енергија од сонце.
„РЕК ‘Битола’ како најголем производител на електрична енергија, исто така ќе претрпи трансформација во однос на основното погонско гориво за производство, а тоа е јагленот. Тоа е еден процес кој ќе оди паралелно со ширење на нашето портфолио со обновливи извори, од сонце и ветер и со изградбата на капиталниот проект хидроелектраната Чебрен. Сите тие работи мора да се изведуваат паралелно и во ускладени фази и рокови за да може замената на еден извор на електрична енергија со друг почист и поприфатлив, да биде без загрозување на енергетската стабилност на државата“, изјави Ковачевски.
Гасната електрана е нереална, смета Силвана Ангелевска, професор на Техничкиот факултет во Битола и експерт за енергетика, актуелен пратеник. Ангелевска вели дека од 2017 година до денес често се менуваат стратегиите кои се однесуваат на РЕК „Битола“ и енергетиката. Така, ако на почетокот на мандатот на оваа власт се најавуваа проекти за продолжување на животниот век на постројката и намалување на штетните ефекти врз животната средина, како реконструкција и модернизација на електростатските филтри и десулфуризација, сега гледаме дека се форсира т.н. зелено сценарио.
„Во поглед на најавената гасна когенеративна електрана од 250 MW, сметам дека посочените термини за нејзино почнување со работа се апсолутно нереални, без да се даде одговор на тоа како и кога ќе се направи гасовод до РЕК ‘Битола’ и од каде ќе се носи гас. При реализација на вакви проекти, кои бараат обемна подготвителна работа и големи финансиски средства, времето многу брзо минува и ќе се покаже дека ова е само една неостварена желба на сегашнава власт“, изјави Ангелевска за „Независен “ и се осврна на цената на чинење на електричната енергија произведена од гас.
„Формирањето на цената за производство на електрична енергија зависи од повеќе фактори. Ние како земја немаме гас, значи треба да го увеземе, прашање е од каде и по која цена. Јагленот го имаме како енергенс, истражувањата покажуваат дека покрај Суводол и Брод Гнеотино, има резерви на јаглен и во Живојно и Мариово“, вели таа.
Сепак, професорката Анегелевска смета дека вложување во обновливи извори на енергија секако дека мора да има, и тоа со многу позасилено темпо отколку до сега.
„Земајќи предвид дека РЕК ‘Битола’ е столбот на електроенергетскиот систем во Македонија, а со цел да не станеме енергетски зависна земја, мора да се вложува во проекти кои ќе значат подобрување на перформансите на постројката, а во исто време намалување на штетното влијание врз човековата околина. Исто така, мора многу брзо да се посвети внимание на отворање на нови рудни наоѓалишта, зашто моменталната состојба во РЕК, во ек на грејна сезона е повеќе од катастрофална“, смета Ангелевска, наведувајќи дека во најавите за гасна електрана препознава бизнис.
„Се плашам дека зад сите овие идеи дадени се кријат само некои бизнис интереси, јавно-приватни партнерства, што е крајно неприфатливо“, вели Ангелеска, доктор на технички науки.
Сепак, професорката Анегелевска смета дека вложување во обновливи извори на енергија секако дека мора да има, и тоа со многу позасилено темпо отколку до сега.
„Земајќи предвид дека РЕК ‘Битола’ е столбот на електроенергетскиот систем во Македонија, а со цел да не станеме енергетски зависна земја, мора да се вложува во проекти кои ќе значат подобрување на перформансите на постројката, а во исто време намалување на штетното влијание врз човековата околина“, вели Ангелевска.