Гаши во Анкара на тет-а-тет средба со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш
Парламентарната делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска ја продолжува посетата на Анкара, Турција.
Во состав на делегацијата, како што информира собраниската прес-служба, се Бејџан Иљас, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Турција, членовите на оваа група Никола Мицевски и Мерита Колчи Коџаџику, како и пратениците Оливер Спасовски и Беким Сали.
Според агендата за денеска е предвидена средба со проф. д-р Селим Аргун, вршител на должноста претседател за верски прашања, тет-а-тет средба на претседателот на Собранието Гаши со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, како и средба помеѓу делегациите со која ќе претседаваат претседателите на собранијата, Нуман Куртулмуш и Африм Гаши.
За утре, пак, планирано е обраќање на претседателот на македонското Собрание Африм Гаши пред студентите на Универзитетот Мармара, како и средба со граѓани на Република Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул.
Вчера, претседателот на Собранието Гаши остварил средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, на која биле разменети мислења за унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, за состојбите во двете држави и за актуелните случувања во регионот и пошироко.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствувале и претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулшуш, како и претседателите на парламентарните групи за соработка и пријателство од двете собранија, пратениците Бејџан Иљас и Ахмет Килич.