Гаши тврди: Се вршат притисоци по секоја цена да се врати Груевски

Мора како општество сите да се организираме, а нашите европски сојузници да ни помогнат да не дозволиме уцена на судиите, бидејќи после тоа нема да има никаква смисла ниту демократијата, ниту поимот „правна држава“, вели во разговор за Дојче Веле лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, околу притисоците врз Врховниот суд да се донесе ново начелно мислење со кое ќе се оживее аболицијата од Ѓорге Иванов.
Гаши заедно со лидерите на Движењето Беса и на Демократско движење, Билал Касами и Изет Меџити, пред четири дена на заедничка прес-конференција предупредија за политички притисоци врз Врховниот суд, со цел да се издејствува нов начелен став на судот, кој ќе овозможи враќање на Никола Груевски.
„ДУИ и одредени поединци кои се инсталирани во раководството на таа партија, продолжуваат да вршат невиден притисок врз судиите во овој суд. Ова е уште еден показател дека ДУИ не е заинтересирана за ЕУ и за уставните промени (…) Според наши информации деновиве се подготвуваат за ново барање до нов судија, за по секоја цена да се врати Груевски“, рече Меџити.
Според Гаши, ако во 21. век, во една држава која очекува отворање на преговори за членство во Европската унија, Владата врши притисок врз судството, тоа е алармантно и значи дека мора да се интервенира што поскоро.
„Кога веќе знаеме за темата на притисокот – да се врати аболицијата на Иванов – со цел да се аболира Никола Груевски и фамилијата, тоа станува уште пострашно. Тука мора сите како општество да се организираме, треба нашите европски сојузници да ни помогнат, да не дозволиме уцена на судиите, бидејќи после тоа нема да има никаква смисла ниту демократијата, ниту поимот ‘правна држава’, вели лидерот на Алтернатива во разговор за ДВ.
Партијата што ја предводи Гаши, заедно со Демократско движење и Беса, вчера го официјализираа заедничкиот настап во коалициски опозициски фронт под името „Европски сојуз за промени“. Дали со тоа име испратија порака – дека владејачките партии немаат право да го монополизираат наративот дека тие се „европски фронт“?
„Со придавката ‘европски’ сакаме да правиме дистинкција кои сме ние и за што се залагаме. Притоа, не само што се сомневаме во нивниот европски слоган, туку досега сме давале повеќе опипливи аргументи дека тие најмалку се посветени на европски вредности, а тоа веќе го потврдуваат и некои амбасадори на многу важни земји од Европската унија во нашата земја. На крајот, граѓаните се тие кои ќе проценат кој е европски само по име, а кој е европски според посветеност, принципи и вредности. А ако зборуваме на тема монопол, нивниот единствен монопол може да биде корупцијата и криминалот, за што секако може да се гордеат. Како може да зборуваат со европски придавки тие кои се надеваат на спас од Никола Груевски?“, прашува Гаши.
Оваа коалиција, според Гаши, на парламентарните избори ќе настапи со заеднички листи, но и со заеднички кандидат на претседателските избори. Главна цел ќе им биде борбата со корупцијата и испраќање на ДУИ во историјата.