Гаши се заканува со излегување од коалицијата ако „Вреди“ има само два претседатели

Амбициите во коалицијата „Вреди“ и партиските места изгледаат како голема пречка за трансформирањето во партија


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

 

При трансформацијата на коалицијата „Вреди“ во партија, клучни се два принципа – рамноправноста и консензуалното одлучување, порача претседателот на Собранието и поранешен лидер на Алтернатива, Африм Гаши. Во спротивно, тој е дециден дека Алтернатива нема да биде коалициски партнер на партијата Вреди и во таков случај ќе поднесе оставка на претседателската функција во Собранието.

Ова значи дека Алтернатива не се согласува со понудата на лидерите на Беса и на Демократско движење, Билал Касами и Изет Меџити, од „Вреди“, која треба да се трансформира од коалиција во партија, да има двајца претседатели, а нивните партии да имаат по 35 отсто учество во партиските тела на Вреди, додека останатите 30 отсто да ги поделат Алтернатива, фракцијата на Алијанса за Албанците, предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи, потоа „Самоопределување“ претставена преку Беким Ќоку, и Движењето Арберија. Против понудата за копретседателство на Касами и Меџити во партијата Вреди е и фракцијата на АА, предводена од Фетаи.

„Зборуваме и гледаме да најдеме најдобар начин како да се спои ‘Вреди’, а тоа да има позитивни ефекти, не само за одредените политички партии и за албанскиот политички спектар, туку воопшто – за стабилизација на партиската политичка номенклатура во државата. Кога во еден блок има дисбаланс, има многу партии, тоа се одразува и кај другата страна и при релациите за формирање влада. Мислам дека треба да ја надминеме фазата на атомизација на партиите, треба да одиме кон окрупнување“, рече Гаши на брифинг со новинарите.

Според него, „Вреди“ треба да оди кон поголема хомогенизација, но да оди внимателно без да се направи штета. Сепак, тој одби да се изјасни дали Алтернатива го отфрла предлогот на Касами и на Меџити и вели дека, откако претседателот Беким Сали ќе ги сумира различните мислења, позицијата на Алтернатива ќе биде претставена пред другите лидери.

„Мојот мозок размислува за што сум, а не за што – не сум. Кажувам што мислам дека е добро. Како ќе каже Беким Сали и како ќе се договориме во партијата, јас тоа ќе го поддржам. Ако Алтернатива ја одбие понудата, ќе дадам оставка од функцијата претседател на Собранието. Сите разговори кои се водат се како да се направи ‘Вреди’ партија и да се најде најдобриот начин за тоа. Нема големи разидувања и дилеми, само се бара најдобриот начин“, вели Гаши.

Фракцијата на АА предводена од Арбен Фетаи е за моделот на ротирање на партиското раководство. Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за Алсат, рече дека според АА, овој модел создава еднаквост, но рече дека нема ништо против партијата да ја води лидер кој би бил обединувачка фигура.