Гаши одбива да каже дали Даути го крши Деловникот заради бранителите

И новиот Деловник што го договараа шест години не му се погоди на Гаши, па сега најавува расправа за недоречености


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес имаше ден со новинарите кои не успеја да ги убеди дека работи според Деловникот и дека нема моќ да ги стави на дневен ред измените на Законот за припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, попознат како закон за бранителите.

Иако новиот Деловник за работа на Собранието почна да се применува практично од овој собрански состав, Гаши веќе ќе отвори расправа за дополнителни толкувања најавувајќи практично и јавна расправа која може долго да трае, со крајна порака дека – ни тоа нема да го реши проблемот бидејќи тој ќе работи според Деловникот (така како што го толкува самиот и спроведува).

Практично Гаши ја закопа инциијативата на СДСМ за свикување на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања на која треба да се утврди одговорност кај претседателката на Комисијата за социјална политика, Даути Илире, од Алијансата за Албанците која испадна поитра и помоќна и од Владата, и од претседателот на Собранието, и од пратеничките групи и направи деловнички преседан кој, ако се истолерира, внесува самоволие во законодавниот дом.

Уште повеќе Гаши меѓу редови прати порака дека и таа расправа што ја свикува нема да биде за одговорноста што ја бара СДСМ туку ќе биде академска, за повеќе утврдени коализии на членови во новиот Деловник. Практично тој Деловник што го години со бројни странски експерти го договараа, а веќе на стартот најдоа дупки како партиски да го злоупотребуваат место да го спроведуваат, поточно да го кршат и тоа правно да го образложуваат со квази  толкувања. Тоа ги испровоцира новинарите да му порачаат дека е „втор човек во државата“ а со ваквото однесување самиот си го гази угледот на дневна основа. 

Практично на брифинг со новинарите Гаши ја повтори фразата дека му била одземена моќта како спикер на Парламентот да побара свикување на седница на Комисијата за социјални прашања бидејќи таа била веќе свикана од Даути – но без таа точка на дневен ред, и дека тоа е суштинската разлика од неговата интервенција, кога СДСМ не ја закажа седницата за ребаланс на буџетот.

На директното барање на новинарите да го покаже документот каде што стои дека Даути свикала седница за таа точка откако тој и пратил допис со такво барање, Гаши се повика на свикувањето на седницата за пензиите, тврдејќи без образ дека во Деловникот стоело дека „може“ да побара свикување, но „на седница, а не точка на дневен ред“. Кога, пак, беше запрашан што ќе прави ако се случи епидемија поголема од таа со Ковидот и се создаде здравствена криз, а некој претседател на комисија не сака да стави на дневен ред расправа за неа (како што се блокираше помошта во време на ковид пандемијата), Гаши одговори дека кога е во прашање општ интерес, ако треба, и ќе го прекрши Деловникот и ќе одговара за тоа. Ова според него сепак не е општ, туку политички интерес. 

-Не сакам да бидам алатка во ничии раце за дневно политиканство. Овој закон е донесен и изменет шест пати.Не е дека нема закон туку се работи само за унапредување на правата  на осум семејства“, порача Гаши пред новинарите, не сакајќи да ја коментира изјавата на Халил Снопче дека тој како прв човек на Собранието ќе направи се законот да остане во фиока. 

Гаши избегнуваше исто така да каже јасно дали Даути со овој гест го прекрши Деловникот, порачувајќи дека „не е судија“ и забележувајќи само дека ДУИ настапуваат со политички став околу законот, а тој со деловнички. 

-Таа постапувала, не по процедура,туку по политичко убедување, рече Гаши, но на забелешката дека тоа значи дека го прекршила Деловникот се огради сосема со зборовите – „тоа е ваше мислење“. (С.Ј.)