Гаши на средба со известувачот за Македонија во ЕП
Во рамки на посетата на Европскиот парламент, претседателот на Собранието Африм Гаши се сретна со известителот за Македонија во Комисијата за надворешна политика (АФЕТ), Томас Вајц.На средбата претседателот Гаши истакна дека Македонија продолжува да работи на одржувањето добрососедски односи, на решавањето на отворените билатерални прашања преку дијалог во духот на европските вредности и на реформскиот процес кој треба да доведе до исполнувањето на нашата стратешка цел. Изрази надеж дека Резолуцијата која ќе ја подготви како известител, ќе ја отсликува реалната состојба.
Известителот Вајц, австриски европратеник и одличен познавач на приликите во регионот на Западен Балкан, го запозна претседателот со актуелните случувања во Европскиот парламент, функционирањето на политичките групи и начинот на донесување на одлуки, како и за размислувањата за одредени реформи во контекст на одлуките за проширување.
Соговорниците го поздравија донесувањето на Планот за раст за Западен Балкан кој има за цел да го поттикне регионот да се подготви за членството во ЕУ. Условеноста на распределбата на средствата со спроведувањето на конкретни реформи особено во областите на владеење на правото, борбата против корупцијата, основните права, економското владеење, зајакнувањето на демократските институции и реформата на јавната администрација, ќе ги забрзаат неопходните социо-економски и фундаментални реформи.
Претседателот Гаши го покани известителот Вајц да ја посети Република Северна Македонија во нареден период, за изворно да се запознааете со состојбите во државата, спроведувањето на Реформската агенда и сите останати активности сврзани со нашите аспирации за полноправно членство во Европската Унија.
Гаши се сретна и со Тијс Рутен, известител за Република Северна Македонија во сенка во име на политичката партија на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите. И него Гаши го запознал со актуeлните случувања на планот на европската интеграција на земјата. Двајцата истакнале дека ЕУ мора да прати јасна и силна порака во овој критичен момент да се започне отварањето на поглавјата, бидејќи така граѓаните ќе ја добијат очекуваната визија за натамошниот развој на земјата.
Рутен информираше дека една од првите задачи на новата комесарка за проширување Марта Кос е да го посети регионот, при што ќе настојува да го задржи балансираниот пристап. Истакна дека од битно значење е и задржувањето на овој фокус и со останатите 26 земји членки на ЕУ, за да се создадат услови за креирање јасни пораки на страната на ЕУ, кои ќе бидат потврда на сето она што земјава го постигна досега.