Гаши ги распиша локалните избори за Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа на 11 јануари


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска за 11 јануари ги распиша локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа каде на 19 октомври, прв круг на Локалните избори немаше доволен број излезени граѓани на гласање. 

За 13 часот седница закажа и Државната изборна комисија, која треба да ги почне подготовките за повтореното гласање во овие општини.

Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше немаше гласање во вториот круг од локалните избори, поради недоволниот одзив на гласачи во првиот круг, поради што треба да се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.

Според Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи – услов за изборите да се сметаат за успешни. Во Гостивар одзивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49%.

Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, во вакви случаи се повторува целата изборна постапка, а повторените избори ќе се одржат во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати, без повторно условување со цензусот од една третина, како што е предвидено со член 132-а.

Владата ќе именува повереници таму каде што не беа избрани градоначалници

ЛДП ќе бара поверениците во четирите општини да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторените избори