Ганиу: Чаир не е ни меѓу петте општини со најмногу дивоградби во Скопје


Висар Ганиу (Фото: Б. Грданоски)

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу тврди дека Чаир не е ни меѓу петте општини со најмногу дивоградби во Скопје, но оваа акција што ја презема градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска е од други побуди. 

На денешната прес-конференција Ганиу рече дека на суд ќе се докажува кој објект е дивоградба. Но, смета дека не е во ред само по Општина Чаир да се вика. 

Од друга страна ја повика градоначалничката да го исчисти ѓубрето од Чаир, односно да ја изврши работата што е во нејзина надлежност, затоа што во влажно и топло време, отпадот станува легло на болести.

„Чаир е домаќин на над 60.000 луѓе, деца, возрасни, семејства, што очекуваат основни, а не луксузни услови за живот. За жал, последните недели, тие услови се доведени во прашање. ниту еден од суштинските работи кои се во надлежност на Градот Скопје, а се однесуваат на граѓаните на Општина чаир не се извршуваат. Алармантно е во 21 век, во топло и влажно време, да се гушиме во ѓубре и да се плашиме од ширење на зарази. Ѝ се обраќам на градоначалничкава Арсовска: г-ѓо Арсовска, почитувам дека сте жена, но ве молам, решавајте ги проблемите смирено и достоинствено. немојте да бидете инструмент на рацете на неколку моќници од ДУИ. Ве повикувам да се вразумите и да не бидете инструмент во политичките игри на ДУИ. Чаир не е шаховска фигура, тој е живо ткиво на Скопје. Ве охрабрувам веднаш да ги ангажирате сите расположливи капацитети на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и да го исчистите наталожениот отпад. на ова влажно и топло време, секој ден доцнење ја зголемува опасноста од зарази меѓу децата и граѓаните“, рече Ганиу.

Тврди и дека општината нема неплатени долгови кон Градот.

„Општина Чаир нема неплатени обврски кон градот. Доколку утврдите спротивно, ве охрабрувам пуштете извршители и на суд ќе ја утврдиме вистината. Господа Бујар Османи и посебно господине Блерим Беџети, престанете да се криете зад градоначалничката на Скопје. Вашата битка со Чаир не смее да се води преку здравјето на граѓаните. наместо обвинувања со соопштенија, дојдете на терен, погледнете ги улиците и разберете дека ѓубрето низ Чаир е плод на вашата политичка желба да ме нападнете мене. Ѓубрето во Чаир е плод на вашиот страв што ќе изгубите на локалните избори што ќе се одржат оваа есен. Но, граѓаните не смеат да бидат жртва на вашата паника и страв. Да потсетам дека повеќе илјади граѓани на Чаир ѝ дадоа поддршка на градоначалничкава Арсовска, но таа вети конкретни и јасни проекти“, рече Ганиу.

Наброја повеќе проекти кои Арсовска ги ветила во изборната капмања, а не ги исполнила иако голем број чаирчани гласале за неа.

„Денес, мора да прашам каде се реконструкцијата на булеварот „Цветан Димов“, ветивте современ коловоз и широк тротоар, денес гледаме само крпеници и тараби. Ветивте мега-парк во чаир, каде и зошто запревте да го градите. Бесплатен јавен превоз: ветивте олеснување за семејниот буџет, но цените останаа исти, а возниот ред е сѐ поредок. Ветивте поврзување на булевар „Словенија со Ѓорче Петров, ниту проект видовме, ниту рок почитувате, ниту вас ве видовме таму каде што снимавте спотови. Ветивте нов булевар „Хрватска“ за врска со Гази Баба и Аеродром – остана само на слајдови од изборна кампања. Ветивте мултиниво крстосница кај „Мавровка“, сообраќајниот хаос станува сѐ полош,а градежни машини нема, но ве нема и вас. Ветивте инвестиции во Стара скопска чаршија, а место ренесанса, занаетчиите се борат за опстанок. Ветивте проширување на улица „Македонска-косовска бригада“, а таму гледаме секојдневен сообраќаен застој кој чини време пари и нерви. Граѓаните сѐ уште чекаат дела, а не престурии и полноќно шоу. Немојте да бидете инструмент. Мене ми е жал што сте ставени во ваква улога. Општина Чаир останува отворена за институционална соработка“, додаде Ганиу.

Појасни дека имаат  подготвено акционен план за ургентно собирање отпад, дезинфекција на јавни површини и санација на диви депонии. Доволно е градот да ја овозможи логистиката што му припаѓа по закон. „Госпоѓа Арсовска, господин Османи, господин Беџети прашањето е едноставно: ќе му помогнете ли на Чаир или ќе продолжите да го држите како заложник на партиска битка“…

„Нашата врата е отворена за дијалог, за партнерство и пред сѐ за конкретна работа“, заврши Ганиу.