Галовеј не потсети дека сме се обврзале за напуштање на јагленот


Британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј, преставувајќи ги резултатите од последната конференција за климата во Глазгов индиректно и прати порака и на нашата јавност дека, заедно со други 190 земји во светот, сме се обврзале да ставиме крај на употреба на јагленот. Во екот на енергетската криза од сите страни стигнуваат обвинувања зошто не биле обезбедени доволни количества јаглен за РЕК Битола и зошто не е во функција ТЕЦ Неготино, иако Македонија беше прва балканска земја што најави дека го напушта производството на струја од јаглен.  

-Крајот на јагленот – единствениот најголем придонесувач за климатските промени – е на повидок благодарение на Обединетото Кралство и фактот што обезбеди коалиција од 190 земји и организации потписници на COP26…„Изјавата за транзиција од глобалниот јаглен до чиста енергија“ опфаќа развиени земји и земји во развој, големи корисници на јаглен и климатски ранливи земји. Оваа изјава, ги обврзува земјите ширум светот да стават крај на сите инвестиции во ново производство на енергија од јаглен на домашно и на меѓународно ниво; да зголемат и да обезбедат чисто производство на енергија што е можно поскоро; да ја укинат енергијата од јаглен до 2030-тите за големите економии и до 2040-тите за остатокот од светот и да направат правична транзиција на енергијата од јаглен на начин што ќе им користи на работниците и заедниците, стои во соопштението од британската амбасада.

Потоа има директна порака за Македонија.

„Во Северна Македонија, Обединетото Кралство ја поддржа подготовката на Националната стратегија за енергетика која ќе го отвори патот кон почиста, позелена и поодржлива енергија. Сега го поддржуваме првиот план за имплементација на стратегијата (2020 – 2026 година), патоказот на целосната визија на земјата за радикална енергетска транзиција, постепеното укинување на големите застарени лигнитни постројки кои се големи загадувачи и движењето кон алтернативи како што се соларната, ветерната и хидроенергијата “, порача Галовеј.

Според оценката, за да се исполнат целите од Парискиот договор за ограничување на порастот на глобалната температура на 1,5 степени, глобалната транзиција кон чиста енергија треба да напредува четири до шест пати побрзо од сегашното.

-Со оглед на тоа што јагленот е единствениот најголем придонесувач за климатските промени, неговото постепено укинување и испораката на брза и инклузивна транзиција кон чиста енергија е од суштинско значење ако сакаме да ги одржиме 1,5 степени во живот. На ова отпаѓаат средства од над 17 билиони американски долари, кои сега се посветени на целите за постепено отстранување на јагленот во рамките на Алијансата за обезбедување енергија после јагленот.

Во последните шест години забележано е намалување за 76% во бројот на нови фабрики за јаглен планирани на глобално ниво, што значи откажување на 1000 GW нови фабрики за јаглен од усвојувањето на Парискиот договор, приближно  околу 10 пати повеќе од вкупниот врвен капацитет за производство на Обединетото Кралство. До крајот на оваа година сите нови јавни финансии за  електрани на јаглен ќе бидат прекинати, а инвестициите сè повеќе ќе се насочат кон забрзување на транзицијата кон извори на чиста енергија, како што се ветерот и сончевата енергија кои сега се поевтини од производството на јаглен во повеќето земји, стои во соопштението на амбасадата.

Големите економии во развој најавиле планови за забрзување на правичната транзиција од јаглен кон чиста енергија. Ќе се обезбеди и поддршка за економиите кои интензивно се потпираат на производство на енергија од јаглен бидејќи се соочуваат со големи социјални и финансиски предизвици при транзицијата.Управата за брза реакција на Советот за енергетска транзиција обезбедува брза техничка, регулаторна и комерцијална помош за земјите и веќе одговорила на 24 барања во низа области, вклучувајќи ја енергетската ефикасност на Филипините и управувањето со мрежата во Египет.

На крајот се споменува дека помеѓу 1990 и 2019 година економијата на Обединетото Кралство пораснала за 78 отсто, додека емисиите на јаглерод се намалиле за 44 отсто,при што енергијатата произведена од јаглен сочинува помалку од 2 отсто од производството на електрична енергија во споредба со 40 отсто пред речиси една деценија. Овие достигнувања го следат објавувањето на значајната британска Стратегија за нулта емисија на јаглен минатиот месец, во која се наведени мерки за поддршка на бизнисите и потрошувачите во транзицијата кон чиста енергија, а истовремено поддржувајќи стотици илјади добро платени работни места и искористувајќи до 90 милијарди фунти приватни инвестиции од 2030 година.