(Галерија) Вицепремиерот Битиќи седна на маса со угостителите на „свадба“ пред Владата


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот Фатмир Битиќи седна на маса на протестот на угостителите кои го блокираа булеварот пред Владата импровизирајќи свадбена свеченост. Протестот беше организиран поради забраната за одржување вакви настани веќе речиси една година, а засегнатите стопанственици бараат да им се овозможи да работат по протоколи кои ќе бидат како рестораните ала-карт.

Беше договорено наредните денови да се сретнат повторно за да се разгледаат можностите да се донесат протоколи и за оваа дејност која е една од најпогодените во ковид кризата. 

„Жалам што сте сте доведени во ситуација да протестирате. Но, сметам дека сите заедно сме разумни да разбереме дека се бориме против непознат непријател“, им се обрати Битиќи на вработените во овие дејности.

Тој рече дека бил еден од оние кои потешко го прележал КОВИД-19, при што рече дека зборува како човек, а не како функционер.

„Здравјето на секој еден од вас ми е побитно од последиците што може да ги имаме затоа што тоа заедно ќе го надоместиме, на еден или на друг начин“, рече Битиќи додавајќи дека сите работодавачи од оваа дејност се поддржувани, а тоа ќе биде и во иднина со мерки за вработените да можат да продолжат да работат.

Фото: Б. Грданоски

„Но, нема да може да работите ако за жал бидете заразени или ако сте во здравствена состојба која нема да ви дозволи да работите“, нагласи Битиќи.

Единствен начин државата да одговори на потребите на оние кои се засегнати е тие да бидат во формалната економија, објасни Битиќи. Компаниите кои се во неформалната економија не ѝ прават штета само на државата, туку на сите граѓани затоа што им земаат од можноста за хранење на нивните деца, за подобар и поквалитетен здравствен систем и подобро образование.

„Затоа сите заедно треба да се бориме против неформалната економија“, рече Битиќи. 

Перица Голомеиќ, претставник на угостителите, рече дека целта на средбата беше да се изнајде решение за ситуацијата во која се наоѓаат угостителите што организираат настани и ноќните клубови кои не работат речиси една година.

„Средбата помина во добра атмосфера, се договоривме уште утре или задутре да имаме повторно средба со пазарниот инспекторат се со цел да го испегламе протоколот за да може да отпочнеме со дејноста согласно протоколите според кои сега работат ала-карт рестораните“, рече тој додавајќи дека за такво нешто ќе треба да се исконсултира и Комисијата за заразни болести.

Во врска со помошта која ја добиваат, тој рече дека се свесни за можностите на држвата, но дека треба да се земе во предвид дека година дена имаат загуби и дека тие допрва ќе прогресираат.

Фото: Б. Грданоски

Во однос на можноста да добијат бескаматни кредити рече дека иако тие се поволни, на долг рок ќе ја загрозат нивната ликвидност.

„Знаеме дека кога ќе почнеме да работиме нема да работиме со ист интензитет како некогаш. Ќе биде тешко да ги враќаме и постојните кредити и ќирии што ги плаќаме, а камоли нови кредити“, рече Голомеиќ, додавајќи дека се задоволни од денешната средба со вицепремиерот Битиќи. (М.Ј.)