Треска на скопјани им носи разладување од Илинска Планина (Галерија)

Граѓаните решија да се разладат на најдоброто место во близина на главниот град - Матка, на реката Треска.


Фото: Б. Грданоски

 

Неподносливи горештини во главниот град. Можеби овие се последните врели денови во Скопје, затоа што по најавеното невреме за утре, температурите треба да опаднат. 

Сепак, скопјани, оние кои се останати во градот и кои имаа можност, решија да се разладат на најдоброто место во близина на главниот град – Матка, на реката Треска. 

Треска извира од Илинска Планина, длабоко на западот од земјата, но во својата 132 километарска должина, носи студена вода до главниот град каде и се влева во Вардар.  Водите ѝ ги освежуваат неколку притоки, а скопјани имаат можност да нурнат во чистите и студени води, само на неколку километри од центарот на градот. 

Оние најхрабрите или најодважните, се качуваат на карпите во клисурата Mатка и ги покажуваат скокачките умешности. 

Фото: Б. Грданоски

Оние кои пак сакаат да шетаат и да се изнагледаат убава природа, имаат долги патеки по течението на реката се до вештачкото езеро. Може и да се повозите со кајче, да го почувствувате пиркањето на ветрето, пред да се вратите на асфалтот на главниот град, каде потта се лепи на вас. 

Како беше денеска на бреговите на Треска, во близина на главниот град погледнете од фотогарфиите на нашиот фотограф Борис Грданоски. 

Најавена промена на времето

Од утре попладне синоптичарите најавуваат нестабилно време со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд, ветер и електрични празнења. 

– Под влијание на атмосферски фронт утре попладне и во ноќните часови ќе биде нестабилно
со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време
(над 20 л/м2 за 6 часа), силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на
град, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Од недела следува еприод на посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и
северозападен правец.