(Галерија) Скопје вечерва повторно се гуши во смог и магла
Воздухот во Скопје вечерва е повторно опасно загаден. Густата магла што ја покри скопската котлина драматично го зголеми нивото на загаденост, а според податоците на IQ Air квалитетот на воздухот е во црвената графа со назнака „нездрав“.
Според податоците, нивото на ПМ2,5 честички е највисоко во Центар и изнесува 184 микрограми на метар кубен.
Поради маглата и смогот вечерва на скопскиот аеродром беа откажани неколку летови, а неколку беа пренасочени кон аеродромите во Приштина и во Софија.
Според АМСМ, намалена видливост поради магла од 50 до100 м има во Охрид, Д. Капија, Петровец – Велес и Велес – Штип. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На државните патишта се одвива во зимски услови, наместа по влажни коловози. АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од АМСМ потсетуваат и на законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Според нивните информации, на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Во продолжение погледнете ги фотографиите на Б. Грданоски од центарот на Скопје: