(Галерија) Финишира изградбата на мостот кој треба да поврзе две населби и три општини во Скопје


Скопјани со нетрпение го очекуваат завршувањето на новиот мост кој треба да поврзе две населби и три општини во метрополата. Од едната страна е населбата Јане Сандански, во Општина Аеродром, а од другата Керамидница во Гази Баба, но мостот ќе има исклучително значење и за Општина Центар бидејќи значително ќе го скрати патувањето и ќе ги намали тесните сообраќајни грла кои сега постојат.

Поточно, со овој важен инфраструктурен проект, кога целосно ќе биде финализиран, ќе се поврзат булеварите АСНОМ и Васко Карангелески во Аеродром со Гоце Делчев и Беласица во Центар, со Никола Карев и Александар Македонски во Гази Баба.

Се проценува дека мостот и сообраќајниците ќе овозможат жителите на Аеродром многу полесно, побезбедно и побрзо да стигнуваат до центарот на градот и обратно. 

Новиот мост ќе има шест коловозни ленти, ќе биде осветлен со енергетски ефикасни ЛЕД улични светилки, а предидени се и тротоари и патеки за велосипедистите. Најавени се и нови линии на ЈСП, а булеварот од двете страни ќе го краси дрворед.

(Фото: Борис Грданоски)