(Галерија) Денови на македонскиот мед – „Македонија“ стана медена улица


Улицата „Македонија“ во строгиот центар на Скопје стана „медена“, а таква ќе биде до 26 овој месец до кога ќе бидат годинашните пролетни „Денови на македонскиот мед“, кои почнаа денеска. 

Производителите на мед и годинава ги посочуваат старите проблеми – ниската потрошувачка и  фалсификатите што се присутни на пазарот.  Тие велат дека медот кај нас се уште најмногу се користи како лек, а не како храна, како и дека потрошувачката е само 900 грама по глава на жител. Згора, пазарот „врие“ од фалсификати кои содржат сирупи.

На штандовите поставени долж улица „Македонија“, посетителите можат да купат мед, полен, прополис, матичен млеч, восок и други пчелни производи. Цената на тегла ливадски и шумски мед е 500 денари, а медот од костен чини 600 денари.

Манифестацијата, меѓу другото, има за цел преку непосредни контакти да се едуцираат потрошувачите како да препознаат вистински мед меѓу напливот на се поголемиот број фалсификатори.

Нашата земја може да се пофали со квалитетен мед, па затоа, за да се заштити, пчеларите бараат да бидат заштитени со закон.

„Можеме да се пофалиме со квалитетен мед за кој во светот секоја година добиваме високи признанија. Сакаме државава да ја промовираме како регион од кој може да се набави природен мед според највисоките стандарди за здрава храна и со тоа да ја афирмираме“, велат тие.

Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски порача дека Деновите на медот се одлична можност граѓаните да се запознаат со медот и пчеларската култура.

„Овој настан овозможува директна комуникација меѓу пчеларите и купувачите, како и одлична шанса за младите потенцијални пчелари да се запознаат со начинот на одгледување пчели и производството на мед, потенцира Герасимовски.

(Фото: Б. Грданоски)