Г7: САД се повторно на маса и ќе ѝ помогнат на глобалната економија


Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден им порача на сојузниците на состанокот на Г7 во петокот дека повторно ќе се ангажираат за да помогнат во управувањето со излегувањето на глобалната економија од најтешката криза од Големата депресија, спротивно на пристапот на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен им рече на своите колеги во седумте најбогати земји во светот (Г7) дека Вашингтон е посветен на мултилатерализмот и дека „тоа дава голем приоритет на продлабочување на нашиот меѓународен ангажман и зајакнување на нашите сојузи“.

На виртуелниот видео состанок на Г7, под претседателство на Велика Британија, Јелен повика на континуирана фискална поддршка на економиите за да се обезбеди нивно закрепнување, констатирајќи дека сега е време да се оди со големи стимулации, пренесува СЕЕбиз.

Британските власти соопштија дека на состанокот се разговарало за давање помош на работниците и претприемачите погодени од пандемијата, истовремено обезбедувајќи одржливост на јавните финансии „на долг рок“.

Италијанскиот министер за економија Роберто Гвалтиери рече дека групата е посветена на продолжување на координираните напори за поддршка на економијата. „Прерано е да се повлече поддршката“, напиша тој на Твитер.

Бајден предложи нов фискален стимул од 1.900 милијарди американски долари за трошење и даночно олеснување во САД, покрај повеќе од 4.000 милијарди долари грантови одобрени од неговиот претходник Трамп за помош во пандемијата на корона вирусот.

Британскиот министер за финансии Риши Сунак се очекува да објави продолжување на неговата програма за економски мерки следниот месец и дека прашањето за ставање во ред на јавните финансии ќе се реши подоцна.

Велика Британија исто така објави дека претставниците на Г7 се согласиле дека клучен приоритет е да се постигне напредок во постигнувањето на „меѓународно решение за предизвиците со оданочување на дигиталната економија“.

Државите веќе некое време се обидуваат да ги оживеат напорите за глобален пристап кон оданочување на дигиталните корпорации, од кои повеќето се американски, како Амазон и Гугл, откако тој напредок беше блокиран од администрацијата на Трамп. Велика Британија го повика Г7 да се согласи на заеднички пристап за оданочување на гигантите на Интернет до средината на годината, краен рок договорен со пошироката група – Г20.

Некои членки на Г7 поддржуваат нова емисија на сопствената валута на ММФ, позната како специјални права на влечење (СДР), за да ѝ се помогне на финансиската институција да им помогне на земјите со ниски приходи во корона кризата. Последен пат тоа беше направено со СДР во 2009 година.

Американски официјални лица, најголемиот акционер на ММФ, сигнализираа дека се отворени за нова емисија на СДР, што е уште една промена од администрацијата на Трамп.

Извор од Г7, кој сакаше да остане анонимен, за Ројтерс изјави дека САД им соопштиле на другите земји дека ќе бидат потребни неколку недели да се финализира таквата емисија на СДР.

Овој потег е политички чувствителен за Јелен, бидејќи ќе обезбеди нови ресурси за сите членови на МФ, вклучително и богатите земји како Кина и американските непријатели како Иран и Венецуела, што ќе предизвика спротивставување на републиканците.

Г7 се состои од САД, Велика Британија, Јапонија, Франција, Германија, Италија и Канада.