Фузија од емоции и виртуозност во Скопје – „страсна“ класична музика со славната виолинистка Ирина Мурезану

Кога на сцената настапува виолинистка со светска кариера Ирина Мурезану, два врвни камерни оркестри – „Профундис“ од Македонија и „13 Гудачи“ од Србија, респектибилни диригенти како Ѓурѓица Дашиќ и Срѓан Сретеновиќ, со комплексни и виртуозни дела од Бритн, Енеску, Вивалди и Пјацола – тогаш се случува фузија од емоции и виртуозност која публиката знае да ја награди со долг аплауз и стоечки овации.

Вечерва во Филхармонија слушнавме „страсна“ класична музика, насловена „Фузија“ со романската виолинистка Мурезану , која ширум светот ги освојува срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар, свирејќи на ексклузивната виолина на Џузепе Рока од 1849 година со лак на Етјен Пајеот. Нејзините настапи често се цитирани како едни од најдобрите изведби на класична музика од страна на Бостон Глоуб, а Лос Анџелес Тајмс напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Мурезану особено восхитувачка“.
Славната виолинистка, вонреден професор на Универзитетот во Мериленд, која предавала и на Бостонскиот конзерваториум и на музичките катедри на Харвард и МИТ, вечерва, по Белград, го освои Скопје и со поздравот до публиката дека е почестена што свири со извонредни оркестри и дека се чувствува како дома. Но и со изведбата на мајсторскиот аранжман на македонската народна песна „Не си го го продавај Кољо чифликот“ на бис. (Л.С.)