Француската Акуо Енерџи го зајакнува присуството на Балканот со нова инвестиција во ветерна енергија во Србија

БЕЛГРАД – Француската компанија за обновлива енергија Акуо Енерџи потпиша договор за откуп на електрична енергија (PPA) со Електропривреда на Србија (EPS), државната електроенергетска компанија, за ветерниот проект Бела Анта 2. Договорот се однесува на целиот инсталиран капацитет од 80 MW и вклучува преземање на обврска за балансирање. Проектот се развива преку Matrix Power, специјално основано правно лице во целосна сопственост на Акуо Енерџи. Бела Анта 2 е еден од проектите што добија поддршка во рамки на втората аукција за обновливи извори на енергија во Србија, спроведена на почетокот на 2025 година.
Акуо обезбеди договор за компензација на разлики во цена (Contract for Difference – CfD), кој што овозможува ценовна стабилност и сигурност за инвеститорите. Со ова, проектот се вбројува меѓу најголемите ветерни паркови досега договорени со EPS во рамки на новиот пазарно ориентиран модел за поддршка. Компанијата соопшти дека целата електрична енергија произведена од Бела Анта 2 ќе се испорачува на српскиот пазар, со што се зајакнува енергетската безбедност и се поддржува транзицијата кон почиста енергија.
„За нас е чест што можеме да ги поддржиме целите на Србија за обновлива енергија во партнерство со Електропривреда на Србија. Овој договор е доказ за силната институционална поддршка и нашата заедничка посветеност на забрзување на зелената транзиција во земјата“ – изјавија од Акуо Енерџи.
Акуо Енерџи е независен глобален производител на електрична енергија од обновливи извори – ветер, сонце и складирање, кој истовремено развива, инвестира и управува со енергетски проекти. Компанијата е присутна во целиот процес – од развој и финансирање, до изградба и управување со капацитетите. Со седиште во Париз и над 450 вработени, Акуо реализира проекти во повеќе од дваесет земји. До крајот на 2024 година, компанијата имаше 1,9 GW во функција или изградба и проектно портфолио од над 12 GW.
Со речиси две децении искуство, Акуо успешно има реализирано проекти во копнени ветерни паркови, фотоволтаици, хидроенергија, биомаса и батериски системи за складирање на енергија (BESS). Во Централна и Источна Европа управува со над 324 MW, со особено силно и стабилно присуство во регионот на Западен Балкан.
Акуо планира дополнително проширување на своето присуство во Србија. Еден од најнапредните следни проекти е ветерниот парк Башаид (85 MW) во близина на Кикинда, кој веќе има добиено сите потребни дозволи и е подготвен за изградба. Дополнително, компанијата истражува можности за нови соларни и хибридни проекти низ целата земја. Со потпишувањето на договорот за Бела Анта 2, Акуо ја зацврстува својата долгорочна посветеност на енергетската транзиција на Србија и на развојот на стабилен и одржлив енергетски систем во регионот.
Покрај активностите во Србија, Акуо Енерџи има амбициозни планови и во Македонија. Компанијата планира да инвестира до 270 милиони евра во изградба на соларен парк со капацитет од 350 до 400 MW во близина на Штип, преку локалната фирма Остро Солар. Станува збор за еден од најголемите проекти за обновлива енергија во земјата, кој што претставува значаен чекор во проширувањето на регионалното портфолио на Акуо. Со оваа инвестиција, компанијата ја зацврстува својата посветеност кон енергетската транзиција во регионот и придонесува за развој на одржлив енергетски сектор во државата.