Франција ќе го бара расизмот во својата полиција


Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер објави ограничен пакет полициски реформи и вети дека ќе се бори против расизам, притоа негирајќи дека безбедносните сили се институционално расистички, јави ДПА.

Кастанер нагласи дека слушнал моќен повик против расизмот и омразата на демонстрациите во Франција и на други места по смртта на Афромериканецот Џорџ Флојд.  Сепак, министерот истакна дека луѓето треба да запомнат дека „Франција не е САД“  и додаде дека иако има случаи на расизам во француските безбедносни сили, тоа е затоа што тие се одраз на општеството како целина.

Полициското насилство и наводниот расизам, особено во проблематичните мултиетнички урбани области, веќе долго време се спорни во Франција, наведува ДПА.

Тој повторно излезе на виделина заедно со силните полициски мерки во честопати насилните протести на „Жолтите елеци“ и, од неодамна, полициското насилство при наметнување рестриктивни мерки за коронавирусот во сиромашните предградија.

Кастанер инсистираше на „нулта толеранција“  кон полицискиот расизам и рече дека полицајци треба да биде автоматски отстранети од работа во случај на „потврдено сомневање“ за расистички изјави или активности.

Тој рече дека дал сигнал до обвинителството за информации дадени од веб-страницата „Стријтпрес“ за  постојани расистички изјави на Фејсбук од група од 8.000 полицајци и жандармери.

Министерот за внатрешни работи исто така рече дека полицијата повеќе нема да може да користи зафат од задушување, за што се верува дека е причина за смртта на возач кој испорачувал стоки запрен од полицијата во Париз во јануари. Повеќе полицајци ќе носат лични камери.Тој, исто така, го бранеше полицискиот инспекторат кој беше сериозно критикуван, кој ги истражува наводите за злоупотреба на службената должност или лошо работење.