Франција доби жена министер за надворешни работи – сегашната амбасадорка во Лондон

Именувањето на Катрин Колона е изненадување бидејќи од владата замина ветеранот Жан-Ив ле Дријан


Катрин Колона

 

Францускиот претседател Емануел Макрон ја назначи амбасадорката во Обединетото Кралство, Катрин Колона, за негов нов министер за надворешни работи и министер за Европа како дел од пошироката реконструкција на владата по неговиот реизбор.

Елисејската палата во петокот го претстави целосниот список на министри, во кој има и фигури од десницата, а вклучува некои нови лица како што е историчарот Пап Ндијаје како министер за образование.

Во изненадувачки потег, Макрон ја избра дипломатката од кариера Катрин Колона да го замени ветеранот социјалист Жан-Ив ле Дријан. Колона во моментов служи како француски амбасадор во Обединетото Кралство и беше во срцето на управувањето со тешките односи по „Брегзит“ меѓу Лондон и Париз.

Доверливиот штитеник на Макрон, Клеман Бон, кој беше многу борбен во одбраната на позицијата на Франција за време на преговорите за „Брегзит“, останува министер за Европа под раководство на Колона.

Неколку клучни фигури, како што е министерот за економија Бруно ле Мер, кој може да се пофали со добро искуство за зајакнување на економијата за време на пандемијата на ковид-19, и министерот за внатрешни работи Жерал Дарманин, ги задржаа своите ресори.

Министерката за индустрија Ањес Паниер-Рунашер е преназначена како министерка за транзиција на енергија, а Амели де Моншален станува министерка за животна средина.

Себастиен Лекорну, еден од најверните соработници на Макрон, станува министер за одбрана. Центристот Марк Фесно е назначен за министер за земјоделство.

Големата жртва на реконструкцијата, министерот за образование Жан-Мишел Бланкер е сменет. Конзервативниот политичар беше тешкаш за време на првиот мандат на Макрон, но падна во немилост поради неговото справување со пандемијата во училиштата.

Реконструкцијата следи по назначувањето на министерката за труд Елизабет Борн за премиер од страна на францускиот претседател во понеделникот.