(Фото) Протест на угостителите што организираат настани: Имаме забрана за дејноста, а помошта е премала

Сообраќајот во Скопје денеска беше блокиран поради протестот на угостители – сопственици на ресторани за организирани настани и ноќните клубови, но и музичари и сопственици на фото-студија, студија за декорации, слаткарници, цвеќарници, шминкери и модни дизајнери, кои се незадоволни од мерките предвидени во петтиот владин пакет на анти-кризни мерки.
„Немаме ограничување, туку забрана за нашата примарна дејност и доколку работиме треба кривично да одговараме. Веќе пет месеци исплаќаме плати за вработените од сопствени средства, додека државата помогна 6 месеци“, изјави на протестот во населбата Автокоманда, Перица Голомеиќ, сопственик на ресторанот „Рагуза360“.
Тој истакна дека бараат да работат под најригорозни протоколи, и дека треба итно да се укине членот 14 од Уредбата од 23 јуни минатата година со која „се забранува организирање на секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени), во отворен и затворен дел од објектот”.
„Ние сме категоризирани објекти за организирани настани, располагаме со големи капацитети и имаме можност да спроведеме организиран настан на кој што би се запазиле сите веќе усвоени протоколи“, изјави Голомеиќ, нагласувајќи дека помошта што ја добиваат не е доволна и дека не бараат да се дозволи организирање традиционална македонска свадба, туку да работат како а ла карт рестораните.
Тој нагласи дека во споредба со земјите од регионот, ние сме единствена земја која нема протокол за организирани настани, а поддршката за субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант е убедливо најниска директна помош во регионот.
„Бараме Владата за рестораните за организирани настани и ноќните клубови да направи посебен пакет на мерки и да не гледа како субјекти кои точно една година се 100 отсто погодени од ковид пандемијата“, рече Голомеиќ.
Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши, запрашан како го коментира протестот, рече дека Владата не ги носи протоколите, туку за тоа е задолжена професионална комисија составена од експерти во делот на пандемијата, а Владата само ги почитува нивните предлози.
За угостителите што организираат свадби, посочи, во четвртиот сет на економски мерки имаше директни грантови заради тоа што беа затворени со одлука на Владата.
„И во минатото и сега со петтиот сет економски мерки покажуваме дека ниедна дејност нема да биде изоставена, вклучувајќи го и угостителството. Не се согласувам со ултиматумите што беа испратени, а би ги охрабрил граѓаните да го кажуваат нивното мислење преку демократски начини како што се и протестите. Ние ќе бидеме тука како Влада да им помогнеме на граѓаните и на бизнисот со цел да ја поминеме пандемијата со најмали последици“, рече Бектеши. (Фото: Б. Грдановски)
.