(Фото) Хеликоптерската единица при МВР го изгасна пожарот во реонот на Демир Капија


Хеликоптерската единица за посебни намени при Министерството за внатрешни работи, денеска, со хеликоптер Ми-171, активно беше вклучена во гаснење на пожар во реонот на Демир Капија, во околината на местото Дрен, близу Дошница.

Како што соопшти МВР, на локацијата што беше зафатена со пожарот направени беа три циклуси со ведро и беа исфрлени 7500 литри вода со што пожарот успешно беше изгаснат.

За потсетување, се додава, во изминатиот неколкугодишен динамичен период на развој беше инвестирано во низа неопходни инфраструктурни потреби на оваа Единица, не само од аспект на материјално-техничките потреби, туку паралелно се работеше и на одржување на високо технолошко ниво – преку редовно ремонтирање на леталата и нивна модернизација, како и набавка на опрема на леталата и за оперативни активности од спасувачки карактер, особено во делот на гаснење пожари.

-Имено, препознавајќи ги потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот, МВР ја опреми Единицата со три хеликоптери марка „Бел“, кои беа оспособени за гаснење на пожари, за да одговорат на потребите на граѓаните. Притоа, беше набавено едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“ кои ги гледаме на дело. За да се овозможи успешно користење на опремата, беше спроведена меѓународна обука, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија и се сертифицираа сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени, наведуваат од МВР.