(Фото галерија) Штрковите ги спакуваа куферите за пат од 10 илјади километри


Фото: Б. Грданоски

Штрковите во Македонија веќе ги „спакуваа куферите“ и почнаа да се селат во потоплите краишта каде што ќе презимат, пред повторно во март идната година да се вратат во своите гнезда на нашите простори. Нашиот фоторепортер Борис Грданоски ги овековечи нивните последни подготовки во гнездата јужно од Штип, пред патот долг десетина илјади километри.

 

Според верувањето, нивната преселба почнува на празникот Свети Пантелејмон (9 август), кога се собираат и започнуваат да заминуваат кон југ. Овој датум во народната традиција се смета за симболична граница кога завршува летото и птиците се подготвуваат за преселба.

Подготовките почнуваат во почетокот на август, односно веднаш штом младите штркчиња ќе научат да летаат и да ловат самостојно, тие почнуваат да се собираат во големи јата на отворени полиња.

Главното заминување е од 15-25 август, што се смета за пикот на нивната миграција. Ретко се случува некои семејства да останат до почетокот на септември, главно ако младите се извеле подоцна во годината.

Иако во народните преданија преселбата се врзува за празникот Свети Пантелејмон, биолошките преселби зависат од временските услови и храната, но датумот останува длабоко врежан во народната меморија.

Штрковите се неми, не испуштаат гласови, а комуницираат со штракање на клунот. Повеќето од нив јадат жаби, риби, инсекти, црви, мали птици и мали цицачи.

Штркот кај нас се смета за симбол на среќа, мир и за доаѓање на пролетта, па неговото заминување го означува преоѓањето кон поладните месеци.

Штркот е света и омилена птица во македонскиот фолклор. За него постојат многу народни верувања, легенди и приказни кои носат симболики за среќа, мир, семејство и поука. Се верува дека ако штрк свие гнездо на покривот од некоја куќа, таму ќе има мир, напредок и среќа. Народот верувал дека штркот има човечка душа или дека е заштитник на домот, па затоа неговото повредување или уништување на гнездото се сметало за голем грев кој носи несреќа.

Враќањето на штркот на пролет означува нов живот, топло време и почеток на земјоделските работи.

Кај нас има многу легенди и приказни поврзани со штрковите, а најпозната секако е за Силјан Штркот, македонската народна приказна запишана од Марко Цепенков која што раскажува за разгалениот син Силјан, кој по бегството од дома и многуте скитања се кае за своите постапки. Преку казната и болката тој се претвора во штрк, за на крајот, по враќањето дома и доживеаната вистинска промена, повторно да стане човек.

Оваа приказна е длабоко вкоренета во балканската традиција како симбол на покајание и семејна љубов.

Белите штркови од Македонија и целиот Балкан припаѓаат на таканаречената источноевропска миграциска рута. Нивната крајна цел се потоплите предели на Африка, каде што поминуваат неколку месеци во области богати со храна.

Главните региони каде што презимуваат вклучуваат источна Африка: Кенија, Танзанија и Уганда, потоа јужна Африка, при што голем дел од јатата патуваат сè до Јужноафриканската Република (ЈАР), а некои и до регионот Сахел (Судан и Чад) кој исто така се чести попатни или крајни станици.

Патувањето на штрковите е фасцинантен подвиг долг и до 10.000 километри. Тие патуваат исклучиво преку копно бидејќи зависат од топлите воздушни струи (термали) кои се создаваат само над земјата за да можат да едрат без да трошат премногу енергија.

Рутата на штрковите од Македонија се одвива на следниов начин: преку Бугарија и Грција летаат на југоисток кон Тракија. Клучното „грло“ каде што се спојуваат милиони птици преселници од цела Европа, е теснецот Босфор во Турција.

Следна делница е Блискиот Исток каде што продолжуваат преку Анатолија, Сирија, Либан, Јордан и Израел преминувајќи го Суецкиот Канал и влегуваат во Африка преку Египет следејќи ја реката Нил кон југ до нивните крајни живеалишта.

Целото патување до Јужна Африка трае околу два до три месеци, а штрковите повторно ќе се вратат во своите гнезда во Македонија наредната пролет, обично во текот на март. 

(Фотографии: Борис Грданоски)