Форумот за разумни политики му даде целосно негативна оценка на синдикалниот лидер Благоја Ралповски


 

Форум за разумни политики денес го објави вториот анализиран случај во рамкита на Индексот за политички интегритет – се работи за Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

Форумот го анализираше неговото однесување за време на протестите поврзани со зголемување на минималната плата и неговото именување за член на Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).

Клучното прашање од аспект на политички интегритет е дали се создава перцепција на конфликт меѓу синдикалната автономија и евентуално институционално кооптирање преку именување во управен орган на државна институција. Оценување на политичкиот интегритет: категорија „Дамка“со негативна вредност од –6. Согласно методологијата на Индексот на политички интегритет, во овој случај постојат јавно документирани индикации за можен конфликт на интереси, медиумски фокус и јавна дебата но нема формален институционален одговор, реакција или правна постапка. Станува збор за категорија „Дамка“ (–4 до –6), при што оценката –6 соодветствува на ситуација во која постојат етички сомнежи и перцепција на недоследност, но без потврдена незаконитост.

Во документот се нотира дека постои недоследност помеѓу синдикалната позиција и институционалното именување, што отвора прашање дали синдикалното делување останува целосно независно и како тоа влијае врз довербата на јавноста.

Индексот за политички интегритет не е насочен кон персонална дискредитација, туку кон јакнење на демократската култура, отчетноста и институционалната отпорност, преку аргументирана, проверлива и транспарентна анализа.