Фондот на ПИОМ подготвува договор за електронска размена на податоци со институциите од Австрија
Работни групи на Фондот на ПИОМ и на институциите за задолжително австриско пензиско осигурување од Австрија: Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачите (SVS) и Институцијата за осигурување на вработените во јавните служби, железниците и рударската индустрија (BVAEB) ја одржаа втората работна средба за подготовка и усогласување на договорот за редовна размена на давања и податоци за смртност.

На состанокот, како што информираат од Фондот на ПИОМ, се разговараше и се усогласуваа начините на размената на податоците и правната рамка, како и техничките детали за идната електронска размена на податоците.
Целта е да се обезбеди поефикасна соработка и побрзо остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување за граѓаните на Македонија и Австрија.
Подготовката и потпишувањето на договорот се дел од активностите на Фондот на ПИОСМ за унапредување на соработката со странските фондови и институции во насока на зголемување на ефикасноста во остварувањето на правата од пензиско и инвалидско осигурување преку електронска размена на податоци.

– Договорот за редовна размена на давања и податоци за смртност би требало да биде потпишан на средбата на директорите на фондовите на пензиското и инвалидското осигурување од државите на просторот на поранешна Југославија и на Република Австрија, што ќе се одржи во Марибор, Словенија, во јуни оваа година – велат од Фондот на ПИОМ.