Фон дер Лајен ќе зборува за состојбата на Европската Унија


Стразбур –    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ќе го одржи својот говор за состојбата на Унијата, а тоа ќе биде можност да ги презентира клучните цели во време кога Европската Унија се соочува со војни, екстремни климатски промени и политички неизвесности.

Главните теми на нејзиното годишно обраќање во Европскиот парламент ќе бидат прилагодувањето кон климатските промени, технолошката конкуренција со Кина и САД, зајакнувањето на одбранбената индустрија и реформата на миграциската политика, јавија бриселски медиуми.

Врз основа на разговори со повеќе неименувани европски претставници, бриселски медиуми јавија фон дер Лајен денеска ќе испрати седум клучни пораки.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сепак ќе присуствува на свеченото обраќање на канадскиот премиер, Марк Карни, пред Европскиот парламент во Стразбур, откако нејзината првична одлука да не присуствува предизвика критики од европратеници.

Карни како почесен гостин денеска ќе присуствува на годишното обраќање на Фон дер Лајен за состојбата во Европската унија, додека неговото обраќање пред европратениците е закажано за утре во 11:30 часот.

Според првичниот план, Фон дер Лајен требало да се врати во Брисел поради претходно преземени обврски, меѓу кои и претставување на нова иницијатива на ЕУ за безбедноста на децата на интернет. Европската комисија за време на обраќањето на канадскиот премиер требало да ја претставува комесарот за трговија, Марош Шефчович.

Веста дека Фон дер Лајен нема да присуствува предизвика остри реакции од дел европратеници. Белгиската европратеничка, Кетлин ван Бремпт, оцени дека е неприфатливо претседателката на Комисијата да не присуствува на говорот на лидер на еден од најважните партнери на ЕУ.

„Еден од најважните сојузници на Европа доаѓа да му се обрати на вашиот Парламент, а вие, како претседателка на Европската комисија, одлучувате да не се појавите? Тоа е повеќе од лошо однесување. Тоа е неприфатливо“, порача Ван Бремпт.

Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, соопшти дека распоредот е променет и дека Фон дер Лајен сепак ќе остане во Стразбур и ќе присуствува на обраќањето на Карни.

И прес-конференцијата на која Фон дер Лајен и извршната потпретседателка на Комисијата, Хена Виркунен, треба да го презентираат планот за заштита на децата на Интернет ќе биде преместена од Брисел во Стразбур.

Фон дер Лајен и Карни денеска во Стразбур ќе имаат и билатерална средба, најавена и во официјалниот распоред на Европската комисија.