Фон дер Лајен ќе објави инвестиции на ЕУ во Гренланд


Европската Унија и Гренланд денеска треба да потпишат договор со кој се зајакнува нивната соработка, пренесе ДПА.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, престојува во посета на главниот град Нук за да потпише нова декларација меѓу ЕУ и Гренланд. При потпишувањето се очекуваат и ветувања за инвестиции од ЕУ во трицифрен милионски износ.

Фон дер Лајен при нејзиното пристигнување вчера изјави дека целта на посетата е дополнително консолидирање на единственото партнерство.

„Ние сме семејство“, напиша таа на социјалните мрежи.

Гренланд е во голема мера автономен, но е дел од територијата на Данска, која е членка на ЕУ.

Посетата е од особено значење бидејќи Вашингтон истакна претензии кон Гренланд, повикувајќи се на безбедносни интереси, и се обиде да изврши притисок за продажба на најголемиот остров во светот на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека Данска не е способна да го заштити Гренланд од Русија и Кина. Територијата, со население од нешто под 57.000 жители, е исто така од интерес поради нејзините богати резерви на критични суровини.

Трамп ги обнови своите претензии кон Гренланд во јули, поврзувајќи ги со тековната ревизија на распоредувањето на американските трупи во Европа. Тој сугерираше дека САД би можеле да го намалат својот придонес во одвраќањето на Русија доколку не се постигне задоволителен договор за иднината на Гренланд.