Физичкото дистанцирање да не го попречи социјалното дружење


Фото: Б. Грданоски

Физичкото дистанцирање не треба да го попречи социјалното дружење, а квалитетното време во оваа ситуација да го искористиме за меѓусебна поддршка и охрабрување, порачаа стручните лица кои учествуваа на информативната видеосесија што ја организираше Владата синоќа на темата за психолошката поддршка за граѓаните на кои тоа им е потребно, а која произлегува од мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19.

-Грижата за психичкото здравје е исто толку важно како и грижата за физичкото здравје во услови на пандемија со коронавирус, истакнаа гостите во видеосесијата Иво Куновски, психолог и Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија и когнитивно бихевиорален консултант, кои се дел од тимот на Клиниката за психијатрија кои работат на овие линии за прва психолошка помош.

Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија и когнитивно бихевиорален консултант, истакна дека стравот, вознемиреноста, и  напнатоста се разбирливи од стравот од непознатото и оти одговорот на оваа ситуација може да биде дневна доза за оптимизам, разговори, како и да се користат интернетот и другите медиумски извори каде што можат да се најдат содржини, како и содржини кои нудат одредени едукативни содржини на кои граѓаните можат да им се посветат во периодите на изолација.

Фото: Б. Грданоски

Стручните лица од  Клиниката за психијатрија кои работат на поддршката на граѓаните потенцираат дека физичката изолација не треба да  се идентификува со социјалното дистанцирање, и оти и во оваа ситуација треба да се пронајдат креативни и практични решенија за дружење и за лесни физички активности во моментите кога воведените мерки го дозволуваат тоа, или за време на забраната за движење кога социјалното дружење може и треба да се остварува преку интернет и социјалните мрежи.

Во текот на информативната видеосесија беше нагласено дека од оваа ситуација треба да се изведат позитивните придобивки како што е поголемото квалитетно време кое во оваа ситуација им се отвори како можност на членовите на семејствата кое треба да се искористи за меѓусебна поддршка и охрабрување кое како резултати може да ги зацврсти врските и довербата.

За време на видеосесијата беа посочени телефонските броеви, и другите канали за комуникација за психолошка поддршка, што Министерството за здравство во соработка со Клиниката за психијатрија ги отворија за бесплатна психолошка помош и тоа за различни структури и групи на граѓани.

На телефонските броеви одговараат стручни лица, психијатри од Клиниката за психијатрија.

Фото: Б. Грданоски

На 078/378-766 можат да се јавуваат трудниците и родилките на кои им е потребна психолошка поддршка можат да се советуваат во периодот од 09:00 до 16:00 часот;

На бројот 072/919-009 лицата со нарушување на слухот, говорот и гласот можат да се советуваат во периодот од 09:00 до 16:00, како и преку апликацијата „Viber“;

На бројот 070/291-657 е овозможена психолошка поддршка за лица во самоизолација на албански јазик во периодот од 09:00 до 16:00 часот.

Функционираат и останатите телефонски броеви за психолошка поддршка, како бројот 072/912-676 за родителите на деца на предучилишна возраст и училишна возраст.

Возрасните лица, кои се во самоизолација, можат да се јавуваат за психолошка поддршка на 072/919-009.

Бројот 078/378-728 е определен за тинејџерите и нивните родители, а бројот 070/291-574 за родители на деца со попреченост.