Фити: Идејата на ВЛЕН е небулозна, во МАНУ има четворица членови Албанци
„Во ниту една современа земја, нема две национални академии. Постои само една која што е репрезент на научната мисла на конкретната земја. Тоа е небулозна идеја“, изјави за „Локално“ академик Таки Фити по најавите и барањето на коалицијата „Вреди“ за формирање на албанска Академија на науките и уметностите, паралелна со МАНУ.
Фити е дециден дека академија не може да се формира врз основа на етички принципи.
„Битна е науката и придонесот на потенцијалните членови на академијата во соодветната област. Во МАНУ се избираат академици врз база на вонредно строги критериуми. Претпоследниот циклус на избори во Академијата беше дополнително засилен и така ќе остане. Академијата е национална, но тоа не значи само на Македонците, туку на сите други етникуми во Македонија. И порано и сега, имало академци кои биле високо почитувани со различна етничка припадност. Имало и Власи, Турци, Албанци, дури има и една Полјачка. Денес во Академијата имаме четири членови од албанска националност, од кои двајца се активни и работат. Академиците Беџети и Абази како редовни членови, додека како дописен член е академик Зеќири“, истакнува Фити, потсетувајќи се и на Луан Старова кој почина во 2022 година.
„Вие знаете кој беше Луан Старова – еминентен писател, книжевник и писател. Не е проблем и нема да биде проблем да влезат и Албанци и Власи и Турци. Отсекогаш така било и ќе остане, категоричен е академикот“, вели Фити за Локално.
Вели дека ги слушнал забелешките од политичките партии зошто нема ниту еден вработен Албанец.
„Луѓето ги мешаат работите. Во МАНУ академиците немаат статус на вработени, туку вработени во Академијата се административниот и техничкиот персонал во рамки на Секретаријатот и научни соработници со научни звања. Не бегаме од тоа да примиме Албанци, Власи или Турци – проблем е дали луѓето ќе се јават на конкурс. Имавме низа конкурси и ниту еден Албанец не ни се јави, зборувам за техничкиот персонал. Ако ги исполнува условите и критериумите, сигурно ќе биде примен, нас не нѐ интересира националност“, вели Фити.
Академикот го повтори својот став дека е ова е небулозна идеја и ваквите најави, како што вели, немаат врска.
„Во наука не смеат да се инкорпираат етнички или политички принципи. МАНУ е независна, самостојна, највисока научна и уметничка институција – така е формирана по закон и така ќе опстои во иднина. Тука не правиме никакви компромиси“, заклучува Фити.