Фискалниот совет во Предлог-буџетот за 2026 не гледа намалување на сивата економија, а капиталните расходи, иако помали, тешко ќе се реализираат
Фискалниот совет во Мислењето по однос на предложениот Буџет за 2026 година, смета дека приходите кои што ги предлага Владата, чиј попраст е помал дури и од предвидениот економски раст, не влеваат надеж дека тие ќе се резултата на намалување на сивата економија, а за капиталните расходи, вели дека иако се намалени во однос на оваа година, тешко дека ќе се реализраат. Ова се само некои од констатациите на Фискалниот совет чие миселње е дел од процесот на донесување на Буџетот за наредната година, за што расправата во матичната Комисија за финансирање и буџет почува денеска.
Во препораките на Фискалниот совет, меѓу другото се вели дека се препорачува натамошно подобрување на буџетскиот процес во сите фази од буџетскиот календар со посебен осврт врз консултација со буџетските корисници.
„Фискалниот совет цени дека проекциите на Буџетот за 2026 година речиси во сите компоненти се реални, дури и конзервативни, посебно во делот на јавните расходи, кои се во помала динамика на раст и од јавните приходи. Зачудува предвидената динамика на раст на јавните приходи со само 3,5%, што е дури и пониско од предвидениот реален економски раст“, посочуваат од Фискалниот совет, додавајќи дека „ваквото предвидување не влева надеж дека јавните приходи би се зголемиле и по основ на намалување на сивата економија со зголемување на наплатата на јавните приходи“.
Од Фискалниот совет сметаат дека доколку се применуваат мерки за намалување на сивата економија, како што се најавува во самиот Буџет за 2026 година, би се создавало и фискален простор кој одамна речиси е потрошен.
Според Фискалниот совет, проектираниот Буџет за 2026 година е насочен кон постепена фискална консолидација, која е потребна за постепено усогласување со Фискалната стратегија за 2026-2030 година.
Во нивното мислење се вели дека проектираните капитални расходи во висина од 40,5 милијарди денари, односно 3,6 отсто од БДП, навистина се во помал износ од тековниот Буџет за 2025 година, но истите треба да бидат реализирани благовремено, со што ќе бидат и попродуктивни за економската активност.
„Капиталните расходи се проектирани на 40,5 милијарди денари или 3,6 отсто од БДП, што е значително под нивото предвидено во Буџетот за 2025 година, односно ако се спореди со првично одобрениот буџет за 2025 година, сега капиталните расходи се буџетирани на пониско ниво дури за 20%. Имајќи ја во предвид реализацијата на капиталните расходи заклучно со третиот квартал од 20 милијарди денари или само 43 отсто од буџетираниот износ, дури и вака намалените капитални расходи во предлог буџетот за 2026 година, е тешко целосно да се реализираат“, се вели во мислењето.
Фискалниот совет смета дека проекцијата за економски раст во 2026 година од 3,8 отсто е оптимистичка, особено во однос на проекциите на меѓународните финансиски институции (ММФ и Светска банка).
Сепак, таа е за 0,2 процентни поени пониска од проектираниот раст во Фискалната стратегија за периодот 2026-2030 година и за толку пониско од проекцијата на НБРМ.
Од една страна, ваквиот пристап внесува оптимизам и поставува амбициозен таргет кој создава позитивен притисок за остварување, но од друга страна може да претставува и одреден фискален ризик, доколку послужи како поттик за фискална експанзија.
Конзервативните фискални проекции на јавните приходи и расходи, според мислењето на Фискалниот совет, претставуваат умерени фискални политики за 2026 година, кои, доколку се реализираат дисциплинирано, несомнено ќе дадат позитивен ефект врз процесот на фискална консолидација.
Во однос на определбата вкупниот јавен долг да не надминува 60 отсто од номиналниот БДП, а гарантираниот јавен долг да не надмине 15 отсто од номиналниот БДП, од Фискалниот совет укажуваат дека ова правило, барем според тековната динамика на реализација на Буџетот за 2025 година, покажува дека висината на јавниот долг е околу 60% од БДП, без пресметување во него и доспеаните а неизмирени обврски.
Во предлог Буџетот за 2026 година не е дадена проекција за нивото на вкупниот јавен долг, но според сите проектирани компоненти (јавни приходи, јавни расходи, буџетски дефицит, економски раст, итн.), доколку истите дисциплинирано се управуваат и остваруваат, нема фискален ризик јавниот долг да го надмине нивото од 60% од БДП. Сепак, треба да се има во предвид дека нето домашното задолжување за 2026 е планирано на 24 милијарди денари или околу 400 милиони евра, а нето задолжувањето во странство е планирано на 30 милијарди денари или околу 500 милиони евра.
Но, како што се нагласува, доколку се реализира минатогодишната препорака на Фискалниот совет (без разлика на „домашната“ дефиниција на јавниот долг), во јавниот долг да се вклучат и доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија согласно методологијата за фискална статистика на ЕУ, кои тековно според евиденцијата во ЕСПЕО системот изнесуваат околу 700 милиони евра (околу 3,5% од БДП), тогаш јавниот долг би изнесувал над 62 отсто!
На ова треба да се додаде и фактот дека често се случува дадените гаранции од страна на Министерство за финансии кон јавните претпријатија да паднат и долгот да го преземе и плати Министерство за финансии. Ова е сериозен проблем и покрај заложбите на Министерството за финансии да ги евидентира овие средства како побарувања имајќи ја во предвид финансиската состојба на јавните претпријатија. Затоа, одобрувањето на гаранции мора да подлежи на многу цврсти и строги критериуми со цел да се спречат непланирани ефекти и по буџетот и по јавниот долг. Покрај ова, треба да се напомене дека сериозен фискален ризик постои и кај цената на финансирањето (каматните стапки) на Буџетот за 2026 година, бидејќи пазарите на капитал (барем домашните) сè уште не прикажуваат тенденција за подобрување на условите за финансирање, укажуваат од Фискалниот совет.
Исто така, посочуваат дека „неминовно е потребно“ да се пристапи кон постепена консолидација на ФПИОМ.
„Имајќи предвид дека постојано расте потребата за трансфер од Буџетот за финансирање на ФПИОМ, треба да се најде соодветно решение за стопирање на растечкиот тренд за дотации од Буџетот до ФПИОМ, кој во моментот е околу 40отсто“, се вели во миселњето на Фискалниот совет, при што се додава дека остануваат цврсто на ставот, во јавниот долг да бидат вклучени и доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија, согласно методологијата за фискална статистика на ЕУ.
Истовремено, Фискалниот Совет препорачува поголема дисциплина во управување со јавните финансии кај сите буџетски корисници, со посебен осврт врз единиците на локална самоуправа. Наодите и препораките на Државниот Завод за Ревизија треба постојано да се следат со активен мониторинг на реализацијата и, на основа на тоа, да се наградуваат ЕЛС кои покажуваат резултати и прогрес во оваа насока. Истото треба да се примени и кај јавните претпријатија и претпријатијата со доминантен државен капитал во однос на нивната финансиска дисциплина, се вели во Мислењето на Фискалниот совет во однос на предложениот Буџет за 2026 година.
Генералната оценка за Предлог-буџетот за 2026 година е дека е конзервативен, односно и на страната на јавните приходи и на страната на јавните расходи е проектиран врз реални можности и насочен кон фискална консолидација. Вака поставен, буџетот ќе обезбеди и макроекономска стабилност.