Фирма увезла тутун, не ја платилала акцизата од милион евра


Царинската управа до Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против правно лице со седиште во Велес и против одговорното лице во правното лице со иницијали Б.А., поради основано сомневање дека е сторено кривично дело „Избегнување на плаќање  акциза“.

Станува збор за увезен тутун пуштен во промет во акцизното подрачје без притоа да се плати акциза во вкупен износ од 64.613.703,00 денари (повеќе од еден милион евра).

-Се работи за два увоз на тутун во лист од типот „Вирџинија“ реализирани од страна на правното лице од Велес во октомври 2019 година, по што увезениот тутун наместо да се доработи е пуштен во промет на незаконски начин без да се плати акциза, информира Царината.

Во координација со Основното јавно обвинителство од Велес, инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Велес заради обезбедување докази во врска со случајот.

-Токму поради огромните штети од нелегалната продажба на необележаните тутунски производи во државата, Царинската управа во координација со Министерството за внатрешни работи и други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи, што секако ќе продолжи и во иднина, стои во соопштението.