Финансиски омбудсман ќе ги штити граѓаните од неправилностите на банките

Финансиски омбудсман ќе ги штити граѓаните од неправилностите на банките


Поплаки за услугите во платниот промет, недоволна транспарентност за трошоците при земањето кредити, високите провизии…, се само некои од работите за кои граѓаните и сега се жалат од банките, но имаат потешкотии да ги остварат своите права. Со цел да се надминат вакви и слични други проблеми, Народната банка иницира носење закон за финансиски омбудсман, како тело чија што надлежност ќе биде решавање по поплаки на граѓаните, кои се чувствуваат оштетени од банките, а истовремено во рамки на централната банка ќе се зајакнува и супервизијата во делот на потрошувачките кредити кај што банките мора да применуваат одредени практики и процедури кои треба да бидат во функција на поголема транспарентност.

Изработка на Предлог ‒ закон за финансиски омбудсман е дел од една од стратегиските цели на Народната банка набројани во Програмата за работа за 2022 година, а кои се однесуваат на финансиска едукација и инклузија.

„Во рамки на сегментот финансиската инклузија, предвидени се и активности за заштита на потрошувачите во финансискиот систем. Активностите ќе се одвиваат во соработка со другите финансиски регулатори во рамките на Координационото тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, како и со останатите субјекти од приватниот и невладиниот сектор. Ваквите активности ќе ја зголемат финансиската едукација и инклузија во интерес на општото

добро на граѓаните“, се вели во овој документ кој што е достапен на интернет страницата на Народната банка. Во него се посочува и дека ќе се преземат организациски и регулаторни промени во насока на зајакнување на системот на заштита на потрошувачите во банкарскиот систем, како и надзорот над банките во овој домен.

Во моментов, според постојните законски прописи Народната банка нема мандат за заштита на потрошувачите.

„Ако се погледне Законот за Народната банка, никаде во законот не се споменува мандат за заштита на потрошувачи, за разлика од некои други регулатори каде што во нивните закони експлицитно е дадена таква надлежност“, велат од Народната банка.

Фото: Б. Грданоски

За оваа новина стана збор и на годишната средба на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска со економски новинари во четвртокот, при што таа објасни дека прашањата за заштита на потрошувачите, особено добива на тежина во глобални рамки по глобалната економска криза. Се смета дека помалата финансиска едуцираност на обичниот граѓанин кој што зема кредит или користи некои други софистицирани финансиски инструменти (кои што не е лесно секогаш да се разберат дури и од економисти), беше една од причините (се разбира не само тоа) за кризата која што почна во американската економија и се прелеа на глобално ниво.

Токму од таа причина, во последната декада се наметнува обврска и централните банки да преземаат одредени активности во тој дел. Кај некои централни банки беше направена измена на нивните закони и како една од надлежностите, покрај стожерните за одржување ниска инфлација, финансиска стабилност и сл, беше дадена можност да постапуваат формално по поплаки на корисници на финансиски услуги и да ги решаваат таквите поплаки. Во некои земји се воведе и институцијата финансиски омбудсман, кој што всушност има токму таква надлежност – да ги заштитува граѓаните – корисници на финансиски услуги.

Од Народната банка велат дека и покрај тоа што во нашиот закон за сега нема одредба која што дава таква можност, независно од тоа, како централна банка чувствуваат општествена одговорност, па како регулатор за пазарот, имаат посебен дел во рамки на супервизијата кој што е задолжен за поплаките кои што ги добиваат од граѓаните, меѓутоа НБ нема формален мандат за носење одлуки и решенија.

„Секако, ако констатираме дека банките прекршиле некој закон или регулатива, преземаме супервизорски мерки и банките нормално го коригираат своето постапување“, велат од Народната банка.

Една промена која што е во тек во Народната банка се нови организациски единици задолжени за активности за заштита на потрошувачите и за финансиска едукација. Притоа, се прават консултации за измени во Законот за Народната банка каде што ќе се даде и формална законска посебна надлежност во однос на ваквите прашања.

Според статистиките што ги прават во НБ, граѓаните најмногу поплаки имаат за услугите во платниот промет, односно за трошоците за провизии што се плаќаат, како и во однос на транспарентноста на кредитните услуги.

Покрај поплаките до Народната банка, граѓаните се жалат и до Организацијата на потрошувачи, а во крајна инстанца им останува можност за судска постапка, доколку сметаат дека се оштетени. Но, како што нагласуваат од Народната банка, финансиски омбудсман би било многу посоодветно решение.