Финансиска поддршка за технолошки развој за 87 компании, најголем дел се микро претпријатија
Вкупно 87 компании ќе добијат финансиска поддршка за технолошки развој за надминување на последиците од Ковид -19 како дел од третиот пакет мерки на Владата.
Буџетот за реализација на оваа мерка е околу три милиони евра од кои 1,7 милиони евра се средства на Фондот за иновации и технолошки развој, а 1,3 милиони евра се сопствени средства на компаниите.
Најголем дел од компаниите или 60 проценти се мали претпријатија, 33 се микро и 7 проценти се фирми со средна големина.
Поголем процент, односно 76 отсто се компании кои за првпат аплицирале, 15 проценти се компании кои и претходно конкурирале на некои од јавните повици на ФИТР, но не добиле средства, а само девет проценти се компании кои досега користеле средства од ФИТР.
На јавниот повик аплицирале 166 компании, а во финална фаза влегле 123 компании. Оние чии проекти не се одобрени, ќеможат да ги образложат своите аргументи и да добијат можност за поддршка.
– Од 123 компании кои влегоа во финална фаза, Комитетот за одобрување на инвестиции достави свои коментари и до останатите 35 компании кои ќе имаат рок до крајот на месецов да достават свои аргументи во однос на она што Комитетот смета дека недостасува во нивните инвестициски планови, така што и тие ќе имаат можност да бидат дел од одобрените средства од првиот инвестициски циклус, истакна директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на денешната прес-конференција.
За првпат откога ФИТР објавува јавни повици, не е доминантен ИТ секторот, односно на овој јавен повик најголем дел од одобрените средства се за приватните здравствени установи, за компаниите од трговијата, машинската индустрија ……
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се надева дека со оваа мерка ќе се поттикне иновативноста и креативноста кај компаниите.
– Преку овој инструмент ја поттикнуваме иновативноста и креативноста на компаниите и очекуваме тие да ја препознаат можноста за трансформација, брзо да реагираат, да се прилагодат на новите услови и најбрзо можно да се вратат на патеките на успехот, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, додавајќи дека се поддржуваат и 1 296 работни места.
Мерката е дел од третиот сет мерки што Владата ги креира за ублажување на последиците од Ковид кризата. Како дел од досегашните мерки се двете бескаматни кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2 реализирани преку Развојната банка со кои беа вбризгани околу 15 милиони евра во стопанството, како и субвенционирањето на минимална плата од 14.500 денари со кое просечно во трите месеци – април мај и јуни биле поддржани околу 20 илјади компании со околу 120 илјади вработени. За граѓаните беа изработени 309 илјади платежни картички во вредност од 26,8 милиони евра.