„Оваа одлука е скандал, барам одговорност“: Министерот Филков за куќниот притвор на Груби
Министерот за правда е гневен. Тој поименично ги наведе имињата на обвинителите и судијата кои ја донеле одлуката на Артан Груби
Не може притворот да е правило за обични луѓе, а да не важи за Груби, порача денес на прес-конференција министерот за правда, Игор Филков. Тој , наведувајќи ги по име еден по еден, побара одговорност од обвинителите и од судиите кои ја донеле оваа одлука, порачувајќи притоа дека нема да биде нем сведок кога се нарушува довербата на судството.
За Филков, ваквата одлука е скандал и ја разбира реакцијата на јавноста, но не сакаше да го коментира фактот дека таа е објаснета со загрозената безбедност на Артан Груби во затворот, која пак се базирала на проценка направена од МВР и од АНБ.
„Досега јас како министер за правда, почитувајќи го начелото на поделбата на власт ниту еднаш не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е принцпот, тоа е темел на правната држава. Но, денес сме сведоци на скандал кој не смее и не треба да се премолчи. Станува збор за лице осомничено за проневера на над осум милиони евра, лице кое 14 месеци било во бегство, лице за кое бил утврден ризик од бегство, ризик што се остварил – и, за помалку од еден ден таа мерка се заменува со куќен притвор. Ова не е само процесна одлука, ова е тест за целиот систем. Одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме“, рече Филков.
Потоа ги повика јавните обвинители и судијата на одговорност:
„Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување. Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено мислењето за замена на притворот. Раководителот на обвинителството, Анел Фидоски, дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, да објасни кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое цели 14 месеци беше недостапно.
Кога станува збор за истрага за проневера од над 8 милиони евра, кога постоел ризик од бегство, што и се случи, секоја одлука за поблага мерка мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива. Во спротивно се отвора сериозен сомнеж за селективност. Не може за обичен граѓанин притворот да биде автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок. Не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите“, рече Филков.
Според него, ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем и ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помали износи и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите.
Тој јавно ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седница, да утврдат дали има одговорност за овој случај кај судијата и јавниот обвинител. Институционалната контрола мора да функционира, никој не смее да биде изземен од одговорност.
„Утрово побарави објаснување од директорот на Затворот ‘Скопје’, преку Управата за извршување на санкции, и бев информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција. Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во Затворот ‘Скопје’, како и во останатите затвори низ Македонија во однос на безбедносната состојба. И, дозволете да констатирам нешто што граѓаните одамна го чувствуваат. Залудно носиме закони, ако не се спроведуваат, залудно менуваме регулативи ако тие важат селективно, залудно спроведуваме реформи, ако практиката ја урива довербата. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на принцип! Јас нема никогаш да молчам кога принципот на еднаквост пред законот ќе биде доведен во прашање“, истакна Филков.
Запрашан од новинарите зошто овие прашаеа не ги упати кон МВР и АНБ, бидејќи Обвинителството ја донело одлуката врз основа на нивната проценка за загрозената безбедност на Груби, Филков одговори: „Еве, ги упатувам до сите“.
Тој не виде ни конфликт со овие институции околу проценката, упатувајќи ги новинарите нив да ги прашаат околу проценката за безбедноста на Груби во затворот. „Апсолутно не ја префрлам одговорноста никому. Само ги констатирам состојбите и ги артикулирам многу гласно“, порача министерот.
Уште повеќе и самиот чекаше одговори од нив за тврдењето дека нема соодветни услоби за затворениците, што може да биде употребено како аргумент и во други случаи.
Претходно СДСМ обвини дека, во обид „да се испере“ за „скандалозната“ одлука, Обвинителството директно го закопало премиерот Христијан Мицкоски.
„Не е прашањето дали државата не може да гарантира безбедност во притвор. Ова е уште една потврда дека сè е договорено одапред. Режираното сценрио за реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ се случува пред очите на јавноста. Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби?
Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година. На кого веќе ова сценарио не му е јасно? Два месеци говориме за ова. Доаѓањето на Груби е очигледно временски темпирано, прво да се преземе целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, па потоа реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ. Сега коцките на целото режирано сценариот се наместени. Тошковски и Христовски од ВМРО-ОКГ даваат проценка, обвинители назначени од ВМРО-ОКГ реализираат. Граѓаните конечно гледаат сè и знаат. Мицкоски треба да излезе и да одговори што треба ДУИ да добие за возврат“, порачаа од СДСМ.
Слична драма се случи на истиот датум пред пет години со бегството на Сашо Мијалков, пред Кривичниот суд да ја изрече пресудата против него за масовното прислушување. Обвинителите пред изрекувањето на пресудата бараа притвор за Мијалков, но судот му одреди куќен притвор. Но, полицијата не можеше да го најде за да му го врачи ни тоа решение бидејќи Мијалков исчезна. По 48 часа бегство обвинителите одржаа состанок и бараа притвор за Мијалков во „Шутка“, односно поднесуваат жалба на одлуката за куќен притвор. Но пред тој сам да се пријави, жалбата беше повлечена, по што екс-шефот на тајната полиција сам се појави за да го подигне решението за куќен притвор. Тогашната обвинителка Вилма Русковска изјави дека жалбата била повлечена непосредно пред Мијалков да се појави во Обвинителството. (С.Ј.)