Филков: Потребно е освежување на Комисијата за помилување


Институтот помилување е многу битна работа во државата. Не смееме да дозволиме да биде предмет на дневнополитички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица теба да ги пратиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста, изјави денеска министерот за правда Игор Филков одговарајќи на новинарски прашања во врска со помилувањето затвореници, по посетата на Казнено-поправниот дом од отворен вид Струга.

Тој појасни дека Министерството за правда не помилува, туку може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци. Потоа, додаде, таа препорака оди кај претседателката, односно кај Комисијата. Министерството, нагласи, има еден член и тој нема право на глас, односно не гласа. Како министер за правда забележа дека е потребно освежување на Комисијата која носи одлуки за помилување.

Во однос на препукувањата на релација Вишо републичко обвинителство и државниот виш обвинител, кажа дека е во тек со случувањата.

– Будно ја пратиме работата, но во овој момент навистина не би имал што да коментирам. Да почекаме да видиме што ќе се случи, изјави Филков. 

Инаку, Комисијата за која Филков побара освежуцвање е формирана во јули годинава и ова и беше прва одлука.Нејзин претседател е Методија Каневчев, а  членови се именувани Гордан Калајџиев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, Зора Митиќ, Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Од СДСМ и денескаја повикаа претседателката да не се крие зад Комисијата за помилувања и јавно да соопшти како ја донела одлуката за помилувањата на осуденици од криминални групи.

Несериозни се изјавите дека не знаеле кого помилуваат, тоа е навреда за граѓаните и потценување на нивната интелигенција. Сиљановска-Давкова има обврска да излезе пред граѓаните и да ги презентира сите информации, документи и мислења, на Комисијата, на Министерството за правда, на сите кои и биле презентирани и да одговори на клучното прашање: Зошто токму овие лица, опасни криминалци беа изборот да се помилуваат?, изјави портпаролката Кузеска.

 Сиљановска Давкова вчера попладне свика итен состанок со членовите на Комисијата за помилување, но нема информација од исходот на средбата и дали нешто било одлучено.

Инаку, на последната листа помилувани од претседателката беа 10 осуденици меѓу кои и водачот на скопскиот клан Барон, Акиф Равмановски познат како Акиф Јусуфи кој издржуваше казна за поседување нелегално оружје. Тој вчера на излегување од затворот Идризово веднаш беше вратен зад решети поради сомнежи за вмешаност во друго кривично дело, односно пукањето од пред десетина дена во скопски Чаир во кое едно лице, припадник на кланот Грчец, беше тешко рането.