Филипче предложи закон за зголемување на минималната плата


Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го презентираше предлог-законот за зголемување на минималната плата на 37.000 денари (600 евра), нагласувајќи дека власта има доволно пари во Буџетот доколку ги скрати трошоците за сопствен комфор. Според Филипче, за оваа мерка се потребни околу 120 милиони евра, сума која лесно може да се обезбеди од ставките за стоки, услуги и репрезентации.

Филипче посочи дека синдикалната кошничка веќе надминува 66.000 денари и дека работниците не можат да го преживеат месецот додека цените неконтролирано растат.

„Не може да има пари само за луксузирање, нови коли, мебел и репрезентации за функционерите, а работниците да страдаат. Ако се скрати само 20-30% од категоријата 42 во Буџетот, каде се планирани 27,5 милијарди денари, веднаш се добиваат потребните средства за поголеми плати“, изјави Филипче.

СДСМ нуди и решение за приватниот сектор – вишокот средства од буџетските кратења да се искористи за субвенционирање на придонесите, со што компаниите би можеле да ги покачат платите без да ја загрозат својата ликвидност.

 Филипче посочи дека барањето на Сојузот на синдикати за минимална плата е издржано и неопходно бидејќи се темели на реални потреби на работниците.

„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. По втор пат го поднесуваме законот, првиот пат беше на крајот на 2024-та година, тогаш власта го одби и тука на површина излегува континуитетот на нашите политики“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче потсети дека уште на почетокот на мандадот на владата на СДСМ се зголемија социјалната помош и минималната плата.

„Во првите две години од владата на СДСМ до 2019 година, социјалната помош се зголеми за 300%  од 3.000 на 11.700 денари, значи пари може да се најдат. Понатаму минималната плата за 60% во првата половина од мандатот, од 8.000 на 14.500 денари се зголеми. Во здравството во првата половина од мандатот платите на докторите практично се дуплираа, преку основно зголемување на 40% и повеќе од триплирање на сумата која што докторите зимаат и медицинските сестри за дежурство и надоместоци за ноќните смени“, рече Филипче и додаде дека ако власта има вистинска желба и волја,  ако има идеја да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните, во Буџетот има средства за повисока минимална плата, а истовремено и за поддршка на компаниите.

Генерално тој рече дека владата ја турка државата во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја изложена на авторитарни влијанија.

„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја.“, посочи Филипче, на денешната прес-конференција. Тој додаде дека тоа што не се прават вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите по сите инстанции во правосудството, обвинителство, судии и така натаму е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму.

Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.

„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам за жал и претседателката ’Измислен е патот кон Брисел‘, посочи Филипче. Граѓаните мора да знаат дека оваа влада ја држи земјата во изолација, оставена во овие комплексни геополитички случувања како изолирана земја, изложена на влијание на Русија.

„Кога Црна Гора и Албанија ќе станат земји членки на Европската Унија, а тоа може да се случи за една или две години, ние ќе стоиме во место, без реформи, без чекор напред“, порача претседателот на СДСМ.