Филипче: Во мое време немаше ниту еден пациент без лекови


„Во мојот мандат додека бев министер за здравство немаше ниту еден пациент што останал без лек“, порача денес поранешниот министер Венко Филипче одговарајќи пред членовите на анкетната комисија за случајот со  можни злоупотреби на Клиниката за онкологија. Неговата  одбрана одеше на линија дека како министер водел сметка пред се да има лекови за пациентите и тие да се со сертификат за квалитет, а не како претходно – од паралелен и сомнителен увоз и квалитет, дека со воведувањето на биолошката терапија значајно го продолжил преживувањето на болните од карцином и дека за постапките околу набавката и давањето на лекот одговорноста паѓа на менаџментот на оваа клиника, а не на него како министер.

Тој бараше да се направи дистинкција меѓу тоа што е системска слабост што ја откри Државниот завод за ревизија, а ако имало криминал, тоа да го истражат надлежните органи и да се одговара. Иако сите прашања и забелешки беа на адреса на директорот Нино Васев кој , како што се изрази еден од пратениците, имал статус на „бог кој решавал кој ќе преживее и кој ќе умре“, Филипче рече дека бил одличен професионалец ,секогаш подготвен да помогне, но ако постои сомнеж во неговата работа,  тоа треба да се истражи. Генерално тој порача дека едно е постапка, а друго реалност и дека има расчекор меѓу административните процедури и ситуациите кога ќе навалат пациентите и бараат терапија.

Наспроти тоа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со силни зборови за „громозорна афера“, монструозни злоупотреби, „масовни убиства“ и слично, практично го посочуваа како најсоодветен за политичка одговорност, земајќи го како главен аргумент и доказ извештајот на Државниот завод за ревизија.   

Поконкретно, Филипче, кој одговараше многу кратко и без многу деталји, рече дека пред да стане министер имало систем со кој не се знаело какви лекови се даваат, особено за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите, по што законот бил променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми. Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, како што посочи, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет, а како што беше посолено од друг пратеник во комисијата, дури 90 отсто од нив биле од Турција и биле непроверени, по што имало и појави на несакани ефекти. 

Околу обвинувањата зошто биле набавувани лекови на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек.

-Реверсот е заради пациентите, за да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени, рече Филипче.

Тој се огради од случувањата на Клиниката за онкологија со оценка дека давањето и контролата на лекови – е работа на менаџментот и на главната сестра.

– Министерот не знае како се даваат терапиите. Тоа е работа на главната сестра, така било секогаш, рече Филипче. Тој исто така негираше дека бил информиран за постоењето на КАТО-системот кој со години стоел неупотреблив на Онкологијаата и дека  биолошка терапија наместо да ја добијат пациентите, завршила на црниот пазар. Филипче а истакна дека КАТО системот, односно системот за компјутерско припремање на цитостатици, не бил негов предлог.

-Не беше мој предлог, да бил мој предлог ќе сум го имплементирал, рече Филипче.

Филипче на Анкетната комисија изрази разочараност за настанот кој ја потресе јавноста и за кој рече дека ги поткопува темелите на здравствениот систем.

-И јас и многу други колеги очекуваме брза разрешница и да се тргне дамката од Клиниката, зашто таму работат посветени и чесни лекари и не треба да се герерализира со оние што прават престапи, криминали и индивидуални безобразлуци. Најважната промена беше што кога станав министер, воведовме биолошка терапија и таргет терапија и значително се зголеми квалитетот на третманот. Тоа беше револуционерна промена бидејќи значеше нов квалитет на животот на луѓето кои се борат со канцерот како болест. Овие лекови го зголемија преживувањето и квалитетот на животот и тоа моите колеги од Онкологија го презентираат на симпозиуми низ светот. Ние сме на трето место на европската мапа за онкологија, а пред тоа не беше така. Се воведоа нови лекови за метастатски канцер на дојка, имуно терапија, хер 2 негативен карцином на дојка, имуно терапија за карцином на бели дробови, лекови за рани фази на карцином на дојка, метастатски резистетен простатен канцер и две три специфични терапии за канцер на бели дробови. За време на ковид Клиниката за онкологија имаше специфичен начин на работа и терапијата им беше носена на пациентите до местото на живеење и се воведе психолошка поддршка, истакна Филипче.

Пратеничката Рашела Мизрахи го праша Филипче дали, сепак, смета дека екс-директорот доктор Нино Васев работел етички и во согласност со законите и дали знаел дека сите контролни механизми во Клиниката биле суспендирани.

– Сметам дека улога на Министерството за здравство е да им овозможи пристап до терапија на пациентите и тоа го направивме. И за старите и за новодијагностицираните, да немаат прекин. Се останато е работа на менаџментот на клиниката. Во однос на доктор Васев, мислам дека е одличен професионалец, секогаш спремен да помогне на секого, и во услови на гужва и кога има многу пациенти. Ако постои сомнеж за неговата работа, тоа треба да се истражи, рече екс-министерот.

Мизрахи му реплицираше дека тој како министер бил должен во тоа време да води сметка за контролните механизми, од тоа дека директорот сам решавал кому ќе даде терапија, дека немало протоколи за неа, дека немало стручен колегиум, па до тоа дека требало да знае како се вршела проценка за количеството лекови што се купувале со јавни тендери и дека се купувале дури и без согласност на Фондот за здравство, што Филипче негираше дека во принцип воопшто е можно. Таа го запраша и дали под притисок на веледрогерии правел набавки за одредени лекови, што тој негираше, порачувајќи дека да било така, немало да има заштеда од 7, 5 милиони евра на набавката на биолошката терапија за карцином туку ќе имало повисоки цени. 

Тој исто така рече дека не знае дека  во 2020 година на Клиниката за онкологија имало медицинска сестра што крадела терапија. Екс-министерот за здравство нагласи дека во неговото министерување се донеле лекови за сите пациенти кои дотогаш ги немало во државата.

-Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто немало лекови, односно имало, ама само за мал број пациенти…Ако имало криминал во мое време, тоа е во рамките на други истражни институции, не на министерот за здравство, рече Филипче.

Околу економскиот директор Нехат Нухи чија мајка лежела на Онкологија и била на листата за чекање за лекови а не била болна од рак , екс министерот рече дека немал многу време за да соработува со него, но дека „се нашол“ додека траела епидемијата со Ковид 19. Лично сепак смета  дека  треба да има само еден директор на клиниките и тој да биде од медицинската фела која ја разбира работата.

На констатацијата на еден од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека одбраната му е во стилот „не знае, не сака да знае или не сакал ништо да преземе“, Филипче рече дека  скандалот со Онкологија го откриле медиумите а не институциите,  и да било обратно, и тоа да се случило во негово време, тој ќе преземел мерки. Тој ги бранеше големите суми за јавни набавки на лекови со оценката дека е подобро повеќе и почесто да се купуваат лекови бидејќи така им се намалува цената и дека тоа било причината што се организираат набавки за сите клиники одеднаш, чудејќи се што има лошо во тоа. Единствено што се согласија пратениците од сите партии и екс министерот е дека партизацијата го уништила здравството и дека тоа е плодна почва од таму да почне промената. (С.Ј.)