Филипче верува дека поразот е шанса за нов почеток на СДСМ

Социјалдемократите го одржуваат својот долгочекуван конгрес. На него треба да изберат ново раководство и да се соочат со вистината зошто драматично ги загубија изборите


Венко Филипче заѐ време на обраќањето на конгресот (Фото: Б. Грданоски)

 

По неколкумесечно одлоговлекување, еден неуспешен собир, по длабоката криза во која се најде по големиот пораз на изборите, Социјалдемократскиот сојуз денеска го одржува својот 30. Конгрес на кој треба да се направи анализа  зошто партијата беше казнета од гласачите и да се изберат новите раководни лица. Тоа е и првото големо соочување на новиот партиски лидер, Венко Филипче, со членството и неговите претставници на конгресот.

Конгресот треба да го избере новиот Централен одбор, да го избере заменик-претседателот на СДСМ, потоа да се изберат генералниот и организацискиот секретар, како и Извршниот одбор. Според некои од најавите во медиумите и според местото ккаде што седи на конгресот (меѓу првите во првиот ред) се очекува за заменик-претседател на партијата да биде избрана Фани Каранфилова-Пановска. Таа е познато лице особено во граѓанскиот сектор (таму беше 25 години) а и во политичките кругови. Беше прв човек на Фондацијата „Отворено општество“ се до нејзиното затворање на канцеларијата во Скопје.

Во својот говор на отворањето на конгресот, Филипче даде пресек зошто партијата загуби на изборите, каква е ситуацијата во неа и што ја очекува во иднината. Како и програмата врз која СДСМ ќе работи понатаму.

Почетокот на конгресот на СДСМ (Фото: Б. Грданоски)

Филипче рече дека да се води државотворна партија како СДСМ било потешко и од најсложените неврохируршки операции.

„Се сретнав со стотици луѓе. Членови, поранешни функционери, општествено активни луѓе, меѓу кои и лица кои никогаш претходно не стапнале во политичка партија. Внимателно слушав секој од нив, педантно ги забележав сите нивни аргументи, забелешки, критики.

Со многу критики се согласувам и советите на сите добронамерни луѓе ќе бидат водилка за новото раководство. Но, никогаш нема да прифатам и да подлегнам на оние кои потајно сакаат СДСМ да не го биде, кои шират дефетизам и го парализираат опозициското делување. СДСМ нема да се откаже, тоа треба на сите да им биде јасно. Напротив, СДСМ ќе го биде и СДСМ ќе се врати посилен.

Оваа партија не е ничија лична сопственост. Ниту на Бранко, ниту на Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја! Секој од нив низ годините ја носеше тежината на времето и одлуките, но и гордоста на партијата. Затоа СДСМ не смее и нема никого да заборави. Како лидер секогаш ќе подадам рака, ќе отворам врата за сите кои и мислат искрено добро на партијата. Ќе соработувам со сите за да се спротивставиме на лошите политики на власта“, рече Филипче. 

Тој нагласи дека не е политички наивен и дека знае на што се нафатил.

„Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз. Пораз кој ја клекна партијата на колена. Но, поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток. Шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме. За поразот не треба да ја шминкаме реалноста ниту да си префрламе одговорност секој на секого“, нагласи Филипче.

Според него, сите во партијата мора да бидат праведни и искрени спрема себе и конечно да прифатат дека „сите од различен агол сме виновни. Некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните“.

Тој потоа зборуваше за причините за поразот на изборите и рече дека заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО, активностите за преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, владите што ги предводеше СДСМ ги заборавија граѓаните и ефикасноста на сервисните функции на државниот апарат. 

Од поранешните лидери беа присутно Владо Бучковски и Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

„Сметам дека не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел програмата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните. 

Истовремено, дозволивме едно од најчувствителните историски прашања за македонскиот народ, спорот со Бугарија, да ги преклопи и сите добри работи и реформи што ги направивме. А направивме многу за нашите граѓани, за стопанството, за економијата, за пензионерите, за социјалните категории, за јавното здравство. Но, не сметам дека стратешки погрешивме. Се вложивме 100 проценти, не калкулиравме, не бевме популисти, направивме тешки жртви“, рече тој.

Потоа им оддаде признание на двајцата негови претходници, Зоран Заев и Димитар Ковачевски кои „ја жртвуваа својата политичка кариера за денес да сме членка на НАТО и да имаме започнато преговори со Европска унија. За жал, таквата длабока посветеност, не беше наградена со очекуваната мера“.

Потоа тој зборуваше за работата на нивните влади и коалициските партнери, велејќи дека тие ја „зоупотребила нивната широчина“.

„Не смееме да го занемариме впечатокот на јавноста дека бевме сервилни кон коалициските партнери. Тие ја злоупотребија нашата широчина, демократски капацитет за владеење и посветеноста за искрена инклузивност во работењето на сите нивоа во владата. Од ова искуство треба да извлечеме една силна важна поука. Никогаш повеќе СДСМ не смее да биде во подредена положба или на штета на сопствениот рејтинг да ги одржува политичките коалициите.

Исто така, не се справивме до крај со криминалот и корупцијата на нашите претходници. За жал, и некои функционери и во нашите влади со задоволство прифатија многу лоши навики кои режимот ни ги остави во наследство.

Затоа, токму во овој контекст ја користам приликата да испратам јасна порака. Сите случаи на корупција и прекршување на законите да бидат третирани од страна на надлежните државни институции, во објективна, непристрасна и независна постапка“.

Тој се осврна на постојаниот впечаток во јавноста сите овие години – дека ароганцијата е дел од однесувањето на СДСМ.

„Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење.

Затоа, во одредена смисла имам разбирање за претпазливоста и скептичноста на одредени наши сопартијци. Но, од оваа говорница ги уверувам дека многу брзо ќе ги убедиме дека знаеме да се издигнеме над предизвикот и можеме со посветена работа да ги искорениме сите лоши навики кои ја мачат партијата.

Суетите во политиката ги имало отсекогаш, но во овие времиња ние го немаме луксузот да ја жртвуваме иднината на партијата заради лични предрасуди. Колективното добро мора да ги победи личните интереси“.

Филипче зборуваше и за идното дејствување на партијата.

„Новото раководство на СДСМ  ќе биде исправено пред голема одговорност – да ги разобличи лагите, популизмот и опасните политики на актуелната власт. Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што ги изневери очекувањата на граѓаните, туку и ја турка Македонија во нова ера на режимско владеење. Добиваме режим во ново руво.

Во моментов се случува партизација на институциите која е без преседан. Секојдневно сме сведоци на брутална чистка во која се заменуваат професионалци со партиски послушници. Ова се прави дури во клучните сектори како безбедноста и полицијата, но и секаде во администрацијата. ВМРО-ДПМНЕ систематски планира да ја уништува независноста на судството, да го заробува медиумскиот простор преку создавање на атмосфера на страв, измислени дестабилизации и поделби.

Секој пат кога Владата ќе направи катастрофален потег или ќе се соочи со скандал – а тие се секојдневие – Мицкоски фрла медиумски бомби за да го одвлече вниманието. Македонија не заслужува ваква неодговорна власт која постојано нè ‘спасува’ од непостоечки опасности додека реалните проблеми се натрупуваат.

ВМРО-ДПМНЕ историски секогаш бил кочничар на напредокот, а оваа гарнитура не е различна. Додека се прогласуваат за големи ‘Европејци’, нивните дела говорат спротивно. Македонија е заглавена на патот кон ЕУ поради недостигот од акција на оваа влада. Наместо да ги продолжат преговорите, блокираат клучни реформи и ја користат европската перспектива за дневно-политички поени“.

Тој се осврна и за новата програма на партијата:

„Нашата програма ќе биде своевиден патоказ за праведно, развиено и демократско општество. Солидарност, правда и еднаквост – ова е основата на нашите заложби.

СДСМ влегува во новото време со јасна визија: да ги врати основните принципи на социјалдемократијата како темел за промени во Северна Македонија.

Во сржта на нашата визија стои солидарноста. Веруваме дека општеството е најсилно кога сите негови членови имаат еднакви можности за успех и достоинствен живот.

Во општество каде социјалните разлики растат, нашата задача е да ги намалиме тие разлики преку фер распределба на ресурсите и можностите.

Напредокот што го нудиме не е резервиран за одредени групи или привилегирани слоеви. Тој е за секој граѓанин – за работникот што сака подобри услови, за младите што бараат можности, за земјоделецот што ја храни нацијата, за пензионерот што заслужува достоинствен живот.

Економијата треба да им служи на граѓаните, а не обратно. Фер економија е основа на нашите економски политики. Нашата цел е да изградиме економија каде трудот е ценет, а богатството е правично распределено“.

Првиот дел од конгресот и обраќањето на Венко Филипче беа отворени за јавноста. Пота делегатите расправаа зад затворени врати. Би требало на конгресот тие да бидат поискрени и да анализираат зошто им се случи поразот на изборите, зошто огромни групации ѝ го свртеа грбот на партијата и каде беа вистинските грешки. (Н.В.)