Филипче вели дека СДСМ веќе се кренал на нозе
Претседателот на СДСМ е задоволен од развојот во партијата и вели дека таа по изборниот пораз веќе се кренала на нозе, дека ги брани интересите на граѓаните и силно се спротивставува на погрешните политики на власта. Венко Филипче вечерва беше во Битола заедно со заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска и потпретседателот Методија Илиевски. Тие присуствуваа на изборна конференција на општинската организација на СДСМ.
Тој вели дека СДСМ не била истата партија од пред изборите, дека интензивно е на терен, помеѓу членовите, за да го слушне нивниот глас и заедно да ги дефинирааат следните чекори.
За претседател на ОО СДСМ Битола беше избран Методија Куновски.
„Во завршна фаза е целиот процес за избор на претседатели на општинските организации на СДСМ, овој месец привршуваат изборните конференции и во останатите општини. Изборот на луѓето е со широк консензус во рамки на самата партија и во рамки на општинските организации и тоа наша вредност“, рече Филипче.
Во обраќањето до членовите Филипче рече дека премиерот Христијан Мицкоски бил виновен „за измамата со кошничките, расте сиромаштијата додека трговците профитираат“.
„Го слушам Мицкоски денеска вели срамота било тоа што го правеле трговците. Не господине Мицкоски, срамота е што вие дозволивте тоа да го прават и што тајно со нив се договарате, а во јавноста глумите загрижен политичар. Доцна е да ја префрлате вината за овој дебакл и грабеж на трговците, одговорноста е само ваша“, рече Филипче.