Филипче: Техничката влада мора да остане
Според Филипче, кој ќе оди на состанокот инициран од Мицкоски, тој е поддржувач на изолацијата на земјата и дава легитимитет на сите антидржавни политики на криминалот и корупцијата
Укинување на техничката влада може, но кога ќе бидеме зрело општество, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција. Според него, власта брза со овој чекор затоа што сака избори, а потоа да се донесе мигранти за пари.
,,Избори па мигранти за пари, тоа е сценарио смислено уште лани. Акциите на САД ова го забрзуваат со Законот за Западен Балкан. Причината е паника. Мицкоски прво во интервју на Алфа рече дека нема укинување на техничката влада без широк консензус, а потоа вчера рече дека можеле да ја укинат и сами“, вели Филипче.
Филипче рече дека техничката влада мора да остане како механизам за заштита, бидејќи , како што кажа, актуелната власт веќе ги узурпирала институциите, вклучувајќи го правосудството и обвинителството.
„Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе се имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, кажа Филипче.
Според него, кој ќе оди на состанокот инициран од Мицкоски, тој е поддржувач на изолацијата на земјата и дава легитимитет на сите антидржавни политики и што е најлошо, дава легитимитет на криминалот и корупцијата.
„Кој оди на таков состанок јавно се декларира дека е соработник на тендер коалицијата. Време е да се знае кој е за Македонија, а кој е за криминал, кој е за изолација а кој е за прогрес и интеграција. ЕУ нема алтернатива“, истакна Филипче.
Како причина што техничката влада мора да остане, тој посочи на фактот дека власта узурпирала сè.
„Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството, носи измени на кривичниот законик спротивно од препораките на Европската Унија, тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Власта донесе Резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја загуши дополнителна демократијата и донесе Закон за полиција за целосна партизација и за бркање на професионалците“, истакна Филипче.
Во однос на Законот за Западен Балкан, вели дека тоа е доказ дека САД се свесни што се случува во регионот, а за Македонија тоа би значело нивно справување со корупцијата во земјава.
,,Мислам дека тоа е одличен чекор на САД, дека се свесни што се случува тука и дека се враќа фокусот кон Западен Балкан и дека ќе значи повеќе пари во правосудството, но и ќе видиме поголема акција во справување со корупцијата кај нас”, додаде Филипче.
Лидерот на опозицијата обвинува исто така дека има намерно правење тензии со соседна Бугарија, за да не се продолжи патот кон ЕУ.
,,Веќе беше кажано дека јазикот не е оспоруван, а власта намерно го зборува тоа. Наместо добрососедски односи, имаме само блокади. Ова се чекори за да предизвикаат негативна реакција кај граѓаните кон ЕУ”, рече Филипче на брифинг со новинарите.
Според него, власта убедувала странски претставници дека ќе се донесат уставните измени после локалните избори, потоа по партискиот конгрес, а се гледа дека нема да го направат тоа. „Е, со таква власт си имаме работа”, рече Филипче.
Се осврна и на инфлацијата, која вели дека не паѓа, а има огромен раст на трошоците.
,,Кога на ова ќе се додаде зголементата цена на струјата и парното, јасно е дека оваа власт се грижи само за своите џебови. Нема раст на минималната плата, нема никакви мерки”, вели лидерот на СДСМ.
Филипче додава дека власта нема направено ништо во речиси половина од мандатот и дека зад себе има низа низа скандали како злоупотребата на средствата од ИПАРД фондовите и други скандали.