Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ трошоците за живот се зголемија за 4.300 денари, а минималната плата за само 1.800 денари

Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес – конференција ја обвини Владата за неефикасна економска политика која ги осиромашува граѓаните е само во полза на крупниот капитал. Платите стагнираат, инфлацијата се зголемува, а резултатот на тоа е помал животен стандард, посочи Филипче. Пример за тоа се податоците за растот на трошоците за живот, кои во време на владеење на актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ се зголемиле за 4.300 денари, додека во исто време минималната плата се зголемила само за 1.800 денари.
„ВМРО-ДПМНЕ за една година ја доведе државата во најголема економска несигурност што сме ја виделе досега, а граѓаните живеат сé потешко“, посочи Филипче.
Тој нагласи дека додека владата ги користи своите ПР трикови за да прикаже дека во државата добро се живее, реалноста е поразителна- граѓаните се тие што знаат како живеат и каква е реалната состојба со економијата, цените и платите.
„Реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат. Инфлацијата е 4,8%, секојдневно растат трошоците и реалноста е дека се живее сè потешко“, рече Филипче.
Говорејќи за животниот стандард, Филипче нагласи дека минималната синдикална кошница, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, секој месец урива нови рекорди.
„Во јуни 2024 година, минималната синдикална кошничка изнесуваше 60.325 денари, а во август минатата година надмина 61.199 денари. Денес, после една година таа достигна 65.507 денари. Тоа значи дека во периодот откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари. Во исто време, минималната плата е зголемена за само 1.800 денари. Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат.
„Премиерот Мицкоски се фали со бројки за „раст на платите од 11, 12 или 13%“. Но, да ги погледнеме реалните бројки. Реалната плата, онаа што ја покажува куповната моќ на граѓаните, во јуни порасна само 3,8%, а пред една година со мерките на СДСМ растот беше 11%. За прв пат после долги години имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец – тоа беше случај во јуни“, рече Филипче.
Тој додаде дека по 15 месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ, може да се оцени дека економската политика на оваа влада е најлошата во историјата, а власта, наместо за мерки за граѓаните, буџетските пари ги користи за свои лични интереси.
„Десетици милиони евра се буквално украдени од граѓаните преку непреземање мерки за цените, преку непокачување на платите, преку растот на нееднаквоста и сиромаштијата, што е свесна и намерна политика на оваа власт“, рече Филипче.
Предупреди дека граѓаните сè повеќе тонат во сиромаштија, додека власта свесно одбива да интервенира со мерки за справување со инфлацијата и растот на цените.
„Она што станува сè појасно е дека оваа власт свесно ја разгорува инфлацијата, бидејќи им го полни буџетот и им ги зголемува профитите на блиските фирми. Граѓаните плаќаат, олигарсите заработуваат. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. Што друго може да го објасни фактот дека власта ништо не презема за инфлацијата и растот на цените? “, изјави Филипче.
Тој посочи дека додека соседните држави, вклучително и Србија, редовно носат мерки за контрола на цените и заштита на стандардот, македонската Влада останува целосно пасивна.
„Сите земји во околината, вклучително и Србија, имаат редовни и навремени мерки за цените и инфлацијата. Кај нас тоа веќе не е тема – власта нема намера да регулира буквално ништо за да ги заштити граѓаните“, рече Филипче.
Во однос на изјавата на премиерот Мицкоски дека платите „не смееле да растат затоа што имало инфлација“, Филипче изјави дека тоа е економска неукост.
„Продуктивноста расте само ако платите растат – тоа е елементарна економска логика. Или, ако сака премиерот со конкретни бројки – нашата продуктивност е 55% од европскиот просек, а платите само 35%. Значи проблемот не е во работниците – проблемот е во владата што ги држи платите ниски за да им одговара на бизнис-елитите“, рече Филипче.
При тоа, тој посочи дека цените во Македонија достигнуваат 60% од европскиот просек, додека платите остануваат далеку под нивото – само 35% од европскиот просек.
„Сите економски експерти на власта постојано повторуваат дека кај нас се живеело добро ако биле ниски платите, а куповната моќ била висока. Но фактите повторно зборуваат друго. Македонската просечна плата е само 35% од просечната плата во ЕУ, а цените достигнуваат 60% од европскиот просек на цени. Поразително е тоа што го покажуваат последните податоци на Евростат“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Притоа, тој посочи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ имаше и сè уште има подобри економски политики во интерес на граѓаните.
„Ако нешто може со сигурност да го кажам, тоа е дека СДСМ имаше и сè уште има далеку подобри економски политики насочени кон граѓаните, со грижа за стандардот и со јасна цел – економија што им служи на граѓаните“, изјави Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче нагласи дека СДСМ нема да отстапи од решенијата кои веќе ги предложи, а владејачкото мнозинство не ги прифати, за справување со инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните.
„Нема да отстапиме од нашата борба и од нашите предлози. Раст на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи – тоа се мерки кои што веќе ги предложивме во Собранието. За жал, владејачкото мнозинство не ги поддржа. Ќе продолжиме, ќе ги поднесеме уште еднаш и понатаму. И нема да отстапиме во таа битка за достоинствен живот, за подобар стандард на граѓаните“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.