Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ на власт граѓаните ќе имаат се помалку пари во џебовите
За овие 100 дена Владата не покажа никаков интерес за граѓаните, за компаниите, ниту пак генерално за државата, изјави претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашната емисија „Клик плус“ на ТВ 21. Филипче поосочи дека ВМРО ДПМНЕ не ги продолжи политиките коишто претходните седум години СДСМ интезивно ги спроведуваше и не ги зголеми платите и покрај тоа што сега нема инфалција.
„Ние се боревме со три последователни кризи со ковид кризата, економската и енергетската криза, но и покрај тоа просечната плата порасна од 22 илјади денари на над 40 илјади денари. Владата имаше шанса да потпише договор барем со вработените во образованието. За жал, потпишаа договор само за некакво усогласување, некаков смешен раст од 0,7 %, а требаше да добијат 12 % пораст на платите. Граѓаните со ваквиот пристап мора да знаат дека ќе имаат се помалку пари во џебовите еве и во пресрет на есента и во зимата кога вообичаено се очекуваат ценовни шокови“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче потенцираше дека дека ВМРО ДПМНЕ не го исполни во целост ветувањето од пред изборите, дека пензиите ќе пораснат за 5.000 денари, а притоа ненапуштијаќи го моделот на СДСМ за индексирање.
„Тоа значи дека вкупното зголемување кај пензионирањето не е 2.500 денари, туку е помалку, затоа што тие го добиваат и тоа зголемување во овие 2.500 денари, што секако ќе го добиеја по нашиот систем. Просекот е некаде по околу 900 денари“, рече Филипче, додавајќи дека пензискиот фонд ќе се соочи со голем буџетски дефицит и до 200 милиони евра следната година, кој ќе мора да се покрива со скапи задолжувања.
Тој истакна и дека компаниите се во сериозни кризи. „Има сериозен застој во исплатата на повратот на ДДВ. Нашите информации се дека околу 100 милиони евра кумулативно за три до 4 месеци не се исплатени и се поголем број на поплаки имаме од различни компании коишто стануваат неликвидни“ – рече Филипче.
Анализирајќи ги мерките на актеулната власт, Филипче потенцираше дека ноторна лага е дека индустриското производство е 3,8%, а растот на платите 12%.
„Според Заводот за статистика индустриската активност бележи пад од 3,6 % во периодот од јануари до август 2024 година споредено со периодот од јануари до август 2023 година. Каде Владата видела или направила раст на платите, тоа навистина не ми е јасно“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи нема вистина ниту во фалењето на Владата за вработување на 600 лекари, туку напротив, има заклучок на Влада донесен со кој се забранува спроведување на веќе започнатите постапки за вработување на млади лекари.
„Така што се тоа што е наведено во тој список на Владата како нивни достигнувања, единствено нешто што е реално достигнување е сработено од претходната влада на СДСМ“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.