Филипче: Со раздвојувањето од Албанија Македонија останува изолирана и без план

Лидерот на СДСМ вели дека одлуката Албанија да оди напред, а Македонија не е „огромна катастрофа за иднината на граѓаните“


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека „раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред сѐ, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.

Зборувајќи на прес-конференција во Собранието, Филипче рече дека „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската унија. Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја?“

Според него, „сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред. За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“.

Филипче уште додаде:  

„За прв пат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себеси се блокира. Стравот од било кои идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите нѐ плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Оваа влада е влада без чуство за одговорност, лидерство и грижа за грѓаните. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвараат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели“.

Тој го повтори ставот на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ сака билатерализација на спорот:

„Најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија. Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта. Ова прашање да биде повторно и повторно главна тема во медиумите, а расправиите со соседите главна алатка на неговата пропаганда“.

Филипче рече дека „со промената на Уставот ништо нема да изгубиме. Напротив, ќе добиеме. Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот“.